Најмалку четири лица загинаа денеска, а 11 се повредени во северниот дел на Авганистан кога бомба поставена на патот разнесе комбе во кое се наоѓале универзитетски професори и студенти.
Бомбата била активирана со далечински управувач, соопштија авганистанските власти.
За нападот во провинцијата Каписа засега никој не преземал одговорност.
Патиштата низ Авганистан се полни со поставени бомби и мини. Голем број ги подметнале бунтовниците поради напади врз воени конвои, но често страдаат цивили.
Најновото насилство во Авганистан се случува во момент на повлекување на преостанатите американски и НАТО војници од земјата, по 20 години војна, која започна по терористичките напади на Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година.







