Париската полиција истрела денеска солзавец и употреби водени топови за да ги растера демонстрантите кои, гневни поради зголемувањето на цената на горивата и економската политика на претседателот Емануел Макрон, сде обидуваа да дојдат на Елисејските полиња.
Управата на полицијата соопшти дека едно лице утринава е уапсено и дека меѓу насобраните демонстранти се воочени „ризични групи“, пренесува „Фигаро“.
Инцидентите, наведуваат од полицијата, се врзани за присуството во првите редови на „стотина членови на ултрадесницата кои ги вознемируваат чуварите на редот“.
Француските медиуми пренесуваат дека демонстрантите фрлале со камења кон полицајците, а било забележливо дека меѓу демонстрантите има и посебно опремени лица со заштитни очила. Исто така јавуваат дека демонстрантите прават барикади пред полицајците.
Неколку стотици демонстранти тргнаа утринава кон Елисејските полиња каде што се сретнаа со силни полициски сили, распоредени за да ги спречат да допрат до претседателската палата.
Некои демонстранти ја пееја националната химна, додека други носеа транспаренти со повик Макрон да поднесе оставка.
Безбедносните сили биле загрижени дека крајно левичарски и крајно десничарски екстремисти би можеле да се инфилтрираат меѓу демонстрантите, како и припадници на криминални банди од предградието на францускиот главен град и таканаречените „блек-блокс“ – екстремистичките протестни сили.
Во Париз денеска почнаа нови протести поради зголемувањето на цените на горивата кои демонстрантите во жолти елеци ги нарекуваат „втор чин“ од демонстрациите одржани пред една недела, а француските власти распоредија 3.000 припадници на безбедносните сили за да ги спречат евентуалните нереди.
Учество на денешниот протест најавија, преку социјалните мрежи, 36.000 луѓе.
И во други француски градови, како што се Лион, Лил, Тулуз и Лимож, се најавени акции на собирање и блокирање на наплатните рампи на сообраќајниците или во трговските зони.
Протестите настанати од незадоволството изразено во текот на октомври на социјалните мрежи и понатаму ја потресуваат Франција, а пред неколку денови во протестни акции беа повредени стотина луѓе, додека двајца мажи беа убиени.
Најавено е дека претседателот на Франција, како одговор, во вторник ќе ги одреди целите на полето на еколошката транзиција и дека ќе ги обелодени мерките во врска со тоа.











