Германски „Шпигл“ пишува дека германската канцеларка Ангела Меркел го предупредила Груевски да ја прекине блокадата на институциите и дека Брисел веројатно многу блиску до одлука за воведување на санкции за Скопје
Четири и пол месеци од вонредните парламентарни избори Македонија сеуште нема влада, претседател на парламент, а на градоначалниците мандатот им истече затоа што редовни локални избори немаше кој да распише, што би можело да доведе до санкционирање на некои политичари, пред се на претседателот Ѓорге Иванов и функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Конститутивната седница на македонскиот парламент влезе денес во четвртата недела со заседавање на која треба да се изберат претседател и Комисија за избор и именување.
Седницата, инаку, започна на 30 декември минатата година.
Македонскиот претседател Иванов и понатаму одбива мандатот за формирање влада да го додели на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, кој парламентарното мнозинство го обезбеди со поддршка на две албански партиии ДУИ и Беса, а главен камен на сопнување е таканаречената „Тиранска платформа“, која наводно на Албанците би требало да им обезбеди поголеми права вклучувајќи и воведување на албански како официјален јазик.
Двете највлијателни партии, владеачката ВМРО-ДПМНЕ, чиј претседател е поранешниот премиер Никола Груевски, и СДСМ, за сето ова време цврсто стојат на своите ставови и додека ВМРо се залага за повторување на вонредните избори, Заев очекува мирно предавање на власта.
Вонредните парламентарни избори во Македонија, одржани се со цел земјата да се извлече од повеќегодишната политичка криза, но тоа засега не се случи.
Скопје изминативе месеци го посетија многу европски официјални лица, меѓу кои европскиот комесар Јоханес Хан, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, а минатата седмица и Карл Билт, со намера да помогнат за решавање на актуелната ситуација и барајќи истовремено од Иванов да ја преиспита својата одлука за давање на мандатот на Заев и почитување на парламентарното мнозинство.
Со оглед дека нема наговестување дека во скоро време на македонската политичка сцена нешто може да се промени, водечките странски медиуми пишуваат дека Европската унија размислува за воведување одредени санкции така што ќе забрани патувања и ќе им ги блокира сметките на водечките македонски политичари.
Германски „Шпигл“, имено, пишува дека германската канцеларка Ангела Меркел го предупредила Никола Груевски да ја прекине блокадата на институциите.
Овој весник наведува дека, иако за тоа официјално сеуште не е разговарано, Брисел е веројатно многу блиску од одлуката за воведување на санкции за Скопје.
Меркел, потсетува медиумот, на конгресот на Европските народни партии на Малта го предупредила Груевски да престане со блокирањето на процесот за формирање на нова влада, и додава дека се планирани две врсти на санкции против Македонија, ако во меѓувреме нешто не се промени.
Станува збор за патување и блокада на сметките на одделни македонски политичари, а ќе се размислува, како што се вели во текстот, и за запирање на средства од претпристапните фондови, кои Македонија ги прима во рамките за подготовка за членство во ЕУ.
Такво наговестување даде минатата недела и американскиот Стејт департмент, кој отворено се заканисо санкции против македонските политичари кои го блокираат демократскиот процес во државата.
Вашингтон порача дека такви мерки ќе бидат ускладени со европските партнери.
„Ние ќе работиме со нашите европски партнери да се поттикнат македонските политичари да ја прекинат опструкцијата, вклучувајќи и превземање на одговорности за своите постапки“, соопшти Стејт департментот.
Таа порака директно беше упатена на претседателот Иванов и ВМРО-ДПМНЕ.
„Политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на влада и владеењето на правото, го загрозуваат демократскиот процес и стабилноста во Македонија и регионот“, исто така беше наведено во соопштението на Стејт департментот.







