Во британската нуклеарна електрана Хејшам 1 во Ланкашир дојде до протекување на пареа поради што тројца работници се повредени.
Операторот со електраната „ЕДФ Енерџи“ соопшти дека пареата е „чиста“ и дека нема опасност по населението, пренесува Ројтерс.
„Тројцата повредени колеги се префрлени во болница на лекување. Нема каков било ризик за населението, состојбата е под контрола“, информираа од „ЕДФ Енерџи“.
Британската канцеларија за нуклеарна регулатива (ОНР) соопшти денеска дека отворила истрага.
На официјалниот сајт на нуклеарната електрана се наведува дека двата реактора се функционални.
„ЕДФ Енерџи“ управува со 15 нуклеарни реактори во Британија и тие произведуваат околу 20 отсто од електричната енергија во земјата.







