Медицинските сестри од Националната здравствена служба ќе учествуваат денеска во првиот национален штрајк, додека жестокиот спор со владата за платите го зголемува притисокот врз веќе преоптоварените болници во еден од најпрометните периоди од годината.
Се проценува дека 100.000 медицински сестри ќе штрајкуваат во 76 болници и здравствени центри, откажувајќи илјадници операции кои не се итни и десетици илјади амбулантски прегледи во здравствена служба финансирана од државата.
Велика Британија оваа зима се соочува со бран штрајкови, кои ги парализираат железничката мрежа и поштенските услуги, а аеродромите се подготвуваат за прекини за Божиќ.
Сепак, од сите штрајкови, на многу Британци сцените од штрајкот на медицинските сестри оваа зима ќе бидат највпечатливи.
„Жално е што некои членови на синдикатот продолжуваат да штрајкуваат. Работам на ова во владата, и со медицинските лица надвор од јавниот сектор, за да се обезбеди безбедно ниво на персонал, но останувам загрижен за ризикот кој штрајковите ќе го предизвикаат за пациентите“, рече министерот за здравство Стив Баркли.
Нашироко ценетата професија – медицинска сестра, ќе затвори делови од Националната здравствена служба, која од своето основање во 1948 година има статус на национално богатство, бидејќи нивните услуги се бесплатни, и ќе го погоди пружањето на здравствена заштита кое е веќе оптоварено од зимата и заради рекордните заостанати работи поврзани со Ковидот.
Баркли рече дека пациентите треба да продолжат да бараат итна медицинска помош и да доаѓаат на прегледи, освен ако не им се каже да не го прават тоа.
Штрајкот на медицинските сестри на 15 и 20 декември е без преседан во 106-годишната историја на британскиот синдикат на медицински сестри, но од Кралскиот факултет за медицински сестри вели дека се нема избор додека вработените едвај врзуваат крај со крај.
Медицинските сестри сакаат зголемување на платите за 19 отсто, тврдејќи дека претрпеле една деценија намалувања и дека ниските плати значат недостиг на персонал и небезбедна грижа за пациентите.
Владата, пак, одби да разговара за платите.
Британскиот премиер Риши Сунак планира да воведе закони против штрајкот, за да ги заштити животите и средствата за живот, објави денеска весникот „Дејли мејл“.
Во интервју, Сунак рече дека се надева оти водачите на синдикатот можат да увидат дека не е во ред да се предизвикаат пречки кај многу луѓе, особено сега, во времето за Божиќ.
„Но, јас сум подготвен да воведам нови закони следната година за да ги заштитам животите на луѓето и да го минимизирам нарушувањето во нивните животи. И тоа е нешто на што забрзано работиме“, изјави Сунак за „Дејли Меил“.
(Фото: „Ројтерс“)







