Јоаким Зауер изминатите 16 години ги помина главно во сенка на Ангела Меркел. Сопругот на германската канцеларка не се туркаше во прв план. Ги избегнуваше и медиумите, и исклучително ретко даваше интервјуа, пишува Дојче веле.
Брита Ернст сака да ја продолжи таа традиција.
Сопругата на новиот сојузен канцелар Олаф Шолц и министерка за образование во Бранденбург, никогаш јавно не ги коментирала амбициите за канцелар на нејзиниот сопруг. На прашања за приватниот живот не одговара. Оваа 60-годишна жена силно сака да спречи нејзиното министерско место да биде поврзано, на кој било начин, со политички многу поистакнатата позиција која од средата ја извршува нејзиниот сопруг.
На социјалните мрежи, Брита Ернст на своите „следбеници“ од време на време им покажува дека ужива во откривањето на нејзиниот град Потсдам, во кој се наоѓа седиштето на бранденбургшката влада, и на околината – пеш или со велосипед.
Оваа социјалдемократка објавува фотографии од природата, од неделните прошетки по паркот Бабелсберг и на езерото Грибницзе. Или, пак, ќе „се пофали“ со повремени посети на прочуената филхармонија во Хамбург, каде што оваа политичка брачна двојка живееше до 2018 година.
Ернст е родена во Хамбург, а нејзиното назначување за министер за образование, млади и спорт во Бранденбург беше изненадување. Нејзиниот претходник на функцијата, Гинтер Бааске, се повлече од приватни причини.
Таа претходно веќе беше во една покраинска влада. Во 2014 година стана министерка за образование во Шлезвиг-Холштајн на северот на Германија, но после изборите во 2017 година мораше да го напушти кабинетот. Во владата на покраинскиот премиер Даниел Гинтер (ЦДУ), овој оддел им припаѓаше на демохристијаните.
Брачниот пар Ернст-Шолц нема деца, пред три години се преселиле во Потсдам пред три години, откако Шолц, поранешниот градоначалник на Хамбург, ја презеде функцијата министер за финансии во владата на Ангела Меркел, пишува Дојче веле.
Брита Ернст во јавноста се претставува како воздржана и прагматична, и не може лесно да се исфрли од такт – тоа се типични особини што ги красат „северњаците“ во Германија.
А, за време на пандемијата со корона вирус, имаше маки со опозицијата во парламентот на Бранденбург и со разни здруженија, кои ја обвинуваат дека како министерка не успеала со кризниот менаџмент во училиштата. Пред неколку денови, една организација која застапува интереси на родители од нејзе бараше да си поднесе оставка. Ернст не ги коментира овие барања, туку само неуморно повторува какви се мерки спроведе покраинската влада во училиштата – од тестови за корона па до обврска за користење на заштитни маски.
Кога, пак, ќе ја прашаат за новата политичка улога на нејзиниот сопруг, Брита Ернст главно – молчи. Можеби тоа има врска со фактот дека таа во 2011 година, откако нејзиниот сопруг стана градоначалник на Хамбург, мораше да се повлече од Парламентот на Хамбург, во кој беше пратеник од 1997 година.
„Во ниту една област не е правилно, промените кај партнерот да значат дека другиот партнер мора од нешто да се откаже“, напиша таа тогаш. И самиот Шолц во текот на предизборната кампања беше згрозен кога беше прашан дали неговата сопруга ќе продолжи да работи ако тој победи изборите.
„Мојата сопруга е голем политичар“, изјави тој во интервју за „Брижит лајв“.
А, во една друга прилика, Олаф Шолц тоа прашање, кое по негово мислење никогаш не би било поставено за сопруг на германска канцеларка, го нарече „целосно депласирано и крајно несоодветно“.