Спасувачкиот брод „Оушн Викинг“ во две денешни нови спасувачки операции крај либискиот брег спаси 240 лица од чамци во неволја, наведе оперативната команда на организација СОС Медитеране, јави ДПА.
При својата прва операција на спасување во меѓународните води, на 30 наутички милји (или околу 56 километри) од Ал Комс во Либија, бродот собрал околу 120 мигранти од морето, соопшти медитеранската организација СОС.
„Екипажот на бродот со двоглед го забележал преполниот гумен чамец. Во текот на денот екипажот на бродот прибра 121 лице“, се додава во соопштението на организацијата. Меѓу нив имало и две мали деца и 19 жени, а неколку други лица, кои паднале од бродот, потоа биле повторно донесени на бродот „Оушн Викинг“.
Во втората, попладневна операција, се спасени уште 116 лица, од кои многу доаѓаат од Брегот на Слоновата Коска, Мали и Судан, соопшти организацијата, пренесе ДПА.
Спасувачкиот брод на 11 јануари, по пауза од еден месец, го напушти француското пристаниште Марсеј и се упати кон централен Медитеран.
На крајот на јануари екипажот спаси повеќе од 370 мигранти и ги пренесе во италијанското пристаниште Августа, на Сицилија.







