Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, не гледа ништо спорно со признавањето на македонскиот јазик.
„Бугарија со признавањето на македонската држава го признава и македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Македонија. Македонскиот јазик е согласно нивниот Устав, а ние ја имаме признаено македонската држава што значи дека го признаваме и нејзиниот Устав“, изјави шефицата на бугарската дипломатија и вицепремиерка, Екатерина Захариева во интервју за бугарската национална телевизија БТВ.
Таа напомена дека посетата на високо ниво на премиерот Зоран Заев и на македонските министри претставува затоплување на односите со Бугарија, притоа потсетувајќи дека последната посета на македонски премиер на Софија била во 2013 година и дека таа траела само 50 минути.
Захариева, исто така, истакна дека Бугарија е тука да ѝ помогне на Македонија, секогаш кога ќе се побара помош.
„Пораката на двата премиери беше многу јасна. Бугарија ќе помага секогаш кога тоа ќе биде побарано од нас“, вели Захариева, додавајќи дека никој не ја негира историјата на Македонија, ниту на Бугарија.







