Амбасадорот на Кина во САД, Чин Ганг, му се заблагодари на американскиот милијардер Илон Маск, кој предложи да се формира специјална административна зона за Тајван, додека тајванската претставничка во Вашингтон, Хсијао Би-Ким, го прекори Маск, велејќи дека „слободата и демократијата не се на продажба“.
„Тајван продава многу производи, но нашата слобода и демократија не се на продажба. Секој понатамошен предлог мора да биде усвоен мирољубиво, да биде ослободен од присилба и мора да ја почитува демократската волја на нашиот народ“, рече Хсијао, која Ројтерс ја нарекува „дефакто амбасадор“ на Тајван во Вашингтон.
Чин потсети на повикот на Кина за „мирно повторно обединување“ и на принципот „една држава, два системи“, заблагодарувајќи му се попатно на Маск.
Маск сугерираше дека тензиите меѓу Кина и Тајван можат да се решат со тоа што Пекинг ќе му се даде некаква (одредена) контрола над Тајван.
„Мојата препорака би била да се дизајнира разумна, специјална административна зона за Тајван, која веројатно нема сите да ги направи среќни“, изјави Маск за „Фајненшл тајмс“ во интервју објавено минатиот петок.
Кина му понуди на Тајван модел „една земја, два системи“, модел на автономија сличен на оној на Хонгконг, но тој беше отфрлен од сите тајвански водечки политички партии.
Тој предлог има мала јавна поддршка во Тајван, особено откако Пекинг воведе строг закон за државна безбедност во Хонгконг во 2020 година.
(Фото: АП)







