„Не сум изненаден“, рече американскиот претседател, Џо Бајден, кога новинарите го прашаа што мисли за смртта на Евгениј Пригожин, шеф на платеничката група „Вагнер“.
Белата куќа соопшти дека Бајден бил информиран за настанот и дека истакнал оти „не се случуваат многу нешта во Русија зад кои не стои Путин, но не знам доволно за да го знам одговорот“.
„Пригожин сам на себе си потпиша смртна пресуда веднаш штом застана на 200 километри од Москва“, изјави Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, за германскиот дневен весник „Билд“.
На платформата „Х“ (поранешен Твитер) Подољак напиша: „Путин никому не простува!“.
Кремљ и руската политика за случајов се неверојатно тивки.
Дмитри Песков, портпаролот на рускиот претседател, Владимир Путин, веќе некое време не се огласува. За многумина тактиката на политичкиот врв е разбирлива: „Ова е несреќа која нас не не засега“.
Медиумите ја следат таа политика, па интернет страниците на руските весници и телевизии ќе донесуваат „дополнителни информации“ за падот на авионот во кој загинаа Пригожин и другите лидери на „Вагнер“.
„Несреќа на приватен авион“, така гласи заедничкиот заклучок. Нема тука што да се види.
Можеби, причина повеќе да се верува дека се работи за планирана операција.
Вилијам Брнс, директор на ЦИА, после бунтот на „Вагнер“ во јуни изјави дека ако беше на местото на Пригожин, ќе внимаваше што јаде.
„Путин овој пат одлучи дека не смее да се дозволи никаква грешка, нема труење (Навални преживеа) туку ќе игра на сигурно, пад на авион не може да се преживее. Авионот пред падот бил на височина од 8.000 метри.
Кирило Буданов, шеф на украинската воена разузнавачка служба, во јуни рече дека ФСБ, руската безбедносна служба (наследник на КГБ од Студената војна), добила задача да го убие бунтовникот.
Меѓу низата прашања што се поставуваат е и како Пригожин и другите водачи на „Вагнер“ кои биле со него биле толку невнимателни.
Прво, не станува збор за лице искусно во операции за атентат.
Беше убеден дека Путин нему повеќе не му се лути и дека ги прифати неговите критики. Царот на Кремљ му даде доволно аргументи за да поверува во тоа, го прими неколку дена после побуната, го пушти да дојде на самитот Африка-Русија во Санкт Петербург, мирно патуваше низ Русија. Пригожин беше убеден дека сè уште ја ужива довербата на Путин.
Веројатно, не го гледал првиот дел од иконскиот „Кум“. Мајкл Корлеоне ќе го зададе последниот удар кога противниците најмалку ќе го очекуваат. Ги остави да се чувствуваат безбедно и откако се уверија дека нема закана, го направи одлучувачкиот потег. Така и Путин.
Се појавија тези дека се работи за прикривање, операција која треба да ја замати сликата додека вистинските настани се одвиваат на страна. Треба и таква можност да се земе во предвид, но и таквото сценарио не го менува ефектот од падот на авионот: порака до сите за последиците кога некој ќе му се спротивстави на царот.
„Вагнер“ конечно е „смирен“, веројатно ќе добие некои нови лидери, речиси сигурно ќе продолжи да работи во Африка, каде што контролира профитабилни бизниси кои сега ќе се вратат под контрола на Кремљ.
„Економист“ пишува дека руската воена разузнавачка служба ГРУ се обидува да го преземе надзорот над нивните активности.
Аналитичарите на Стратфор сметаат дека руските безбедносни служби – ГРУ и ФСБ – добиваат поголема контрола над „Вагнер“, па новото единство на командување ќе ја намали политичката одговорност и оперативната нестабилност поврзани со ерата на Пригожин.
Разрешувањето на генералот Сергеј Суровикин, кој ги делеше ставовите на Пригожин за неспособноста на рускиот воен врв, е сигнал до сите да се држат до хиерархиската структура и да не скокаат.
„Економист“ донесува интересно размислување: „Смртта на Пригожин може да помогне за консолидирање на моќта на Путин. Но, тоа би можело да го зајакне митот за водачот на ‘Вагнер’ како патриот што ја кажува вистината и да го дестабилизира провоеното избирачко тело отуѓувајќи ги неговите следбеници и заговорници“.
Ане Еплбаум, новинарка на списанието „Атлантик“ (во брак со Радослав Сикорски, полски политичар), нуди поинакво објаснување:
„Уште една мистериозна смрт, но нов вид на мистериозна смрт. Насилството од периферијата на руското царство се пресели во самото срце…
По бунтот на Пригожин, на Путин му требаше нешто поспектакуларно: театрално, јавно насилство;
насилство од типот што соборува авион набргу по полетувањето среде сончев ден; насилство дизајнирано да го преплаши секој што тајно ја посакуваше победата на Пригожин… Нема взаемна доверба меѓу руската елита, нема вистинска заедничка идеологија надвор од личниот интерес. Сите кои уште се дел од потесниот круг веќе ангажираат телохранители и, ако можат, го испраќаат семејството во странство. Тие што тоа можат да си го дозволат веќе имаат приватни војски. Дали (блиските на Пригожин) пасивно ќе чекаат да ги проголта насилство? Дали ќе побегнат… или ќе се обидат први да нападнат?“.
(Фото: Ројтерс)







