Министерот за надворешни работи Никола Димитров се сретна со Иво Вајгл, член на Европскиот парламент и специјален известител на Парламентот за Република Северна Македонија, кој престојува во работна посета на Скопје.
Двајцата разговарале за севкупната соработка на РСМ со Европскиот парламент во рамките на евроинтегративниот процес, за клучните реформски активности во земјата, како и за штотуку одржаните европски избори.
Европратеникот Иво Вајгл го повторил својот став за остварениот видлив напредок на земјава на внатрешен и надворешен план, како и констатацијата дека оваа година ЕУ треба да ги отвори преговорите со земјата.
Димитров нагласил дека во фокусот на активностите се остварување на преостанатите обврски од ЕУ агендата во пресрет на годинешниот Извештај на ЕК, како и очекувањата за донесување на одлука на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори во јуни 2019 година.
Со оглед дека европратеникот Вајгл не се кандидираше повторно во Европскиот парламент, МНР Димитров му се заблагодари на досегашниот придонес и ангажман во остварување на напредок на земјата на патот кон ЕУ, како и за искрениот пријателски однос и личните заложби. Притоа, му посака успех во натамошната работа, со желба да остане близок пријател на Република Северна Македонија и понатаму да ги поддржува евроинтегративните процеси на земјата.