Силни дождови, поплави и свлечишта во Перу, најголеми во последните две децении, ја погодија повеќе од половина од земјата и од почетокот на годината однесоа 75 животи.
Перуанската Цивилна заштита информира дека оштетени се 115.000 куќи, уништени 117 мостови, 625.000 луѓе се загрозени, додека 70.000 немаат кров над глава.
Поради силните врнежи поплавен е системот за одвод долж тихоокеанското крајбрежје, а надлежните служби почнале да превземаат мерки против комарци околу големите бари на улиците.
Главниот град Лима е без вода една недела, а некои прехранбени производи поскапеа.
Перуанскиот претседател Педро Пабло Кучински изјави дека ваква природна непогода не го погодила крајбрежниот регион на земјата уште од 1998 година, кога во сличен период на поројни дождови и поплави загинаа 374 луѓе.
Кучински прогласи вонредна состојба на централниот автопат во Перу и најави негова реконструкција веднаш по невремето.
Перуанската влада издаде наредба војската да и помогне на полицијата во одржувањето на јавниот ред во повеќе од 800 градови во кои е прогласена вонредна состојба.
https://www.youtube.com/watch?v=9yC9Hvdw9Zo&feature=youtu.be









