Мечето кое во 2015 година беше пронајдено во близина на Тетово, повредно на задните нозе и згрижено во соседна Грција, почина поради проблеми со бубрезите.
Од грчката невладина организација за заштита на дивиот свет и животната средина „Арктурос“ велат дека „Ушко, борецот за живот, не живее повеќе“, јави дописничката на МИА од Атина.
-Со голема жал соопштуваме дека Ушко, борецот за живот кој успеа да стане првата мечка во светот што се движи со инвалидска количка, не живее повеќе. Ушко беше мечка пример за сите и симбол на волјата.
Инвалидитетот на задните нозе не претставуваше пречка, ниту ја ограничи неговата желба за живот и игра, пишуваат од „Арктурос“ кои го згрижија малото кафено мече пронајдено кај нас.







