Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи за недопуштена жалбата во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“. Одлуката е конечна, соопштија од судот.
Таа се однесува на случајот со поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, од април 2016 година со која тој опфати 56 лица осомничени во поголем број предмети кои беа под ингеренции на тогашното Специјално Јавно Обвинителство. Аболицијата предизвика реакции и улични протести, кои резултираа со измени во Законот за помилување за да му се отвори простор на Иванов за повлекување на аболициите.
Судот во Стразбур констатира дека обвинетите и осудените претходно не ги исцрпиле сите можности на македонското судство.
Во Судот во Стразбур се жалеа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата им ја даде, а потоа ја повлече поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Прво во Стразбур се жалеше поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески. По него стигнаа и жалбите на поранешниот премиер Никола Груевски, неговите министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, секретарот на Владата Кирил Божиновски, директорот на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните градоначалници Тони Трајковски и Едмонд Темелко.
Одлуката е праведна
Владата на Македонија ја поздравува денешната одлука на Европскиот суд за човекови права која, велат од таму, е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.
Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на судот. Спротивно на тврдењата на апликантите, судот не утврдил прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права.
Одлуката која денес ја донесе Европскиот суд се однесува на шест случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Македонија со наводи за повреда на член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови.
„Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа прилика да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети.
Воедно, посочуваме дека Владата, во рамките на своите надлежности обезбедува поддршка за самостојно и независно функционирање на правосудниот систем. Во таа насока, би сакале да ја информираме јавноста дека со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур, се сѐ уште во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, за да не би влијаела на понатамошните процеси“, се наведува во владиното соопштение.







