Поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд, Владимир Панчевски, денеска не се појави во Основниот суд Скопје 2 каде што e тужен за мобинг врз вработен.
Не бил уредно поканет за денешниот судски процес. Поканата во име на тужениот Панчевски, ја примила неговата мајка и навремено не го информирала за тоа.
Судијата Хилда Мешкова донесе решение за задолжително присуство на Панчевски на следното рочиште, а доколку не се појави во судницата нему да му се суди во отсуство.
Тужбата за мобинг против Владимир Панчевски ја поднесе Горан Стаменковски, поранешен раководител на секторот за човечки ресурси, поради постојани притисоци кон него, откако претходно Панчевски на фотографија од МВР го препознал тужителот дека бил на протест на „Шарената револуција“.
Панчевски, според наводите во тужбата, не дозволил слободно изразување на слободна мисла и волја, туку се замешал и во политичките определби на Стаменковски кого го деградирал за неколку скалила подолу, иако се работи за правник со положен правосуден испит.
На деградирањето во службата Стаменковски реагирал со пријава до Државниот трудов инспекторат, а кој, пак, по извршен увид во судот ги потврдил неговите тврдења.
Панчевски е тужен и поради пријава за наводен инцидент со вработена во судот, но и поради тоа што тој со лажни профили на социјалните мрежи јавно го навредувал тужителот и неговите најблиски роднини.







