Пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев го обвини лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека наредил да се пука во Собранието.
СДСМ изврши обид за државен удар. СДСМ го погази Уставот, законите и деловникот за работа на Собранието. СДСМ ја погази демократијата во обидот да го прогласи Талат Џафери за Претседател на Собранието, изјави на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.
Одговорност за ваквото антидржавно однесување мора да има. СДСМ изврши политичко насилство кое подоцна резултираше со физичко насилство – изјави Ѓорчев.
Ниту едно насилство не смее да се оправдува.
Но СДСМ има најмалку право да ги прогласува за терористи народот и граѓаните на Македонија кои 60 дена мирно протестираа и без ниту еден инцидент го изразуваа своето несогласување со Тиранската платформа и распродавањето на државните и националните интереси – додаде Ѓорчев.
Тој обвини дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев наредил да се стрела во Собранието.
Не смее пратеник, па макар бил и Зоран Заев да издава наредби за да се стрела во Собранието на Република Македонија. Тоа е невиден преседан не само во Македонија туку било каде во светот.
Дали Зоран Заев е свесен за последиците од пукањето доколку некој куршум или рикошет завршеше во некој од граѓаните?
Дали полицискиот службеник кој го послушал Зоран Заев е свесен дека тој не смее да постапува по партиски наредби, туку единствено согласно законот и процедурите – истакнаЃорчев.







