ВМРО ДПМНЕ ќе покрене иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на 27-ми април 2017-та година.
„ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски, а во некои делови и идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија која јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните кои протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести.
„Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно било какво натамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27ми април“, пишува во соопштението.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на Законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27-ми април 2017.







