ВМРО-ДПМНЕ бара собранието да свика итна седница на која ќе се расправа за пожарите во Македонија. Од партијата обвинуваат дека владата е неспособна, незаинтересирана и пасивна, а државните органи слабо реагираат, додека на повеќе локации низ државата се активни пожари.
„Има неодговорно и неспособно однесување. Имаат донесено некакви заклучоци но нема никаква реализација на заклучоците и нема присуство на терен. Нема чувство спрема потребите на граѓаните и барањата на граѓаните“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој најави дека информацијата ќе ја достават денеска, а од претседателот на собранието, Талат Џафери очекуваат во следните три дена да ја стави на дневен ред точката за состојбата со пожарите.
„Дали ќе биде утре, дали ќе биде задутре или во понеделник Собранието да дискутира и преку дискусија да го зголеми нивото на запознавање на јавноста со овој проблем, второ да се изврши класичен политички притисок врз владините институции да си ја вршат својата работа и да излезат на терен, ане од кабинети да даваат заклучоци и насоки како треба да се постапува.
„Еден човек од Владата не е излезен на терен. Затоа бараме оваа седница да се одржи во еден од следните три дена. Секое одложување е смешно, но и ќе е трагично“, рече Димовски.







