ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изрази загриженост од пристапот на премиерот Зоран Заев за случувањето на договорот со Бугарија и побара увид во содржината на договорот којашто се согласил да го потпише.
„Ова прашање задира во идентитетот и историјата на македонскиот народ и многу неодговорно е истото да се третира на ниво на секојдневна прес-конференција и без сериозна анализа и без пошироки консултации да се најави потпишување на договорот кој експерти го работеа долго време и имаше многу отворени прашања по кои двете страни не може да најдат заеднички јазик“, изјави Трајко Вељаноски.
Тој додаде дека ваквите теми кои задираат по идентитетот на македонскиот народ не се и не смее да бидат ексклузивен интерес ниту на Зоран Заев, ниту на СДСМ.
„За нас е разбирливо соседна Република Бугарија да има сои интереси и нив да ги брани и застапува. Тоа што не можеме и нема да го прифатиме е Зоран Заев сам да одлучува за темите кои се од интерес, а пред граѓаните ветуваше инклузивност и дебата за многу понесуштински прашања“, истакна Вељаноски.
Тој посочи дека прашањето за заедничката историја секогаш било едно од најголемите пречки при постигнување на договор со Бугарија, а, како што рече, камен на сопнување е прашањето за немешањето во внатрешните односи на земјире. Третото прашање, според Вељаноски, било прашањето за јазиците на кои би се потпишувал договорот, а постоеле уште многу спорни прашања во договорот, почнувајќи од барањето за промена на учебниците, се до заедничкото обележување на некои празници.
„ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против странски високи претставници да ни го честитаат националниот пранзик. За нас нема ништо спорно, високи гости да пристуствуваат како гости, но мора да се знае дека Илинденското востание е автохтоно и македонско. Илинденското востание е кренато без ничија помош и истото е целосно автономно. Македонско е. На Илинден се удрени темелите на македонската држава. Секој друг обид поинаку да се претставува е обид за демрократизација на Македонија“, подвлече Вељаноски.







