ВМРО-ДПМНЕ смета дека граѓаните на избори ја поразиле изборната програма на СДСМ и оти јасно покажале дека не веруваат во неа. Обидите на СДСМ за промовирање мерки, како денешните од областа на социјалната политика, за ВМРО – ДПМНЕ се обид за замајување на јавноста само за да ја покрие антидржавната и антинационална политика на Зоран Заев.
„Граѓаните очекуваат СДСМ и Зоран Заев јасно и гласно да се откажат од Тиранската Платформа, и доколку тоа го направат ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка Заев да формира и да води Влада, ќе гласа закони кои таа влада ќе ги подготви, па дури и ќе даде поддршка на проекти кои СДСМ ги предвидува, колку и да се тие нереални и креирани со намера да ги манипулираат граѓаните. Впрочем СДСМ кога имаше можност да направи нешто за граѓаните, тогаш од нив направи социјални случаи. Затвори 684 фабрики, отпушти 200 илјади работници, невработеноста ја качи на речиси 39 проценти, а социјалните категории граѓани ги намалуваше не со реална помош туку со нивно бришење од евиденцијата“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска.






