Законот за употреба на јазиците што денеска го изгласа парламентарното мнозинство за ВМРО-ДПМНЕ е неуставен, а власта, според нив, покажа дека највисокиот правен акт на државата Уставот, за неа е само мртво слово на хартија.
Според опозициската партија, законот е донесен со измама, односно како што стои „со лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување на закони од важност за интеграција на земјата во ЕУ“. Власта, се посочува натаму, треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните.
Законот, според ВМРО-ДПМНЕ, не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, туку напротив ги продлабочува разликите и оди на штета на хомогеноста на македонското општество.
„Двојазичноста ќе креира хаос во правниот промет. Ќе создаде неефикасни институции кои ќе потонат во преводот помеѓу јазиците, наместо да бидат од реална полза за граѓаните и да работат во извршување на работата за која постојат“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Законот, според нив, ќе создаде паралелизам во сите институции како на централно, така и на локално ниво.
„Два јазика – две архиви. Ова ќе предизвика дополнителни финансиски импликации за опрема, нови вработувања и нови простории, трошок кој ќе треба да се покрие од парите на македонските даночни обврзници“- стои во соопштението.
Македонските државјани со албанско етничко потекло, според ВМРО-ДПМНЕ, имаат потреба од реални мерки и проекти кои ќе бидат во насока на подобрување на условите за живот.







