Ова што го гледаме денес не е правда, туку неправда. Македонската јавност се убеди дека во државава се водат чисто политички монтирани процеси, а правдата има двојни аршини. Вака од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја коментираат денешната пресуда за поранешниот претседател на партијата Никола Груевски.
„Го видовме на дело непринципиелниот брак помеѓу власта на Заев и судот. Бенефиците од овој брак сега се во корист на Заев, но многу брзо ќе се свртат на негова штета. Тоа оди правопропорционално со добивањето и губењето власт. Така функционира нереформираното и клиентелистичко судство“, вели Александар Николовски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Груевски не беше присутен ниту на прес конференцијата ниту пак се појави во судница при изрекување на пресудата за „Тенк“. Николовски пак вели дека тој во моментов е во Скопје.
„Ова е пресуда која има повеќе цели, тие се Никола Груевски кој беше симбол за зачувување на националните интереси, економски успеси, привлекување инвеститори, реформи, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции, градби и се друго да се засени и да биде политички дисквалификуван“, вели Александар Николовски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Претходно пак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската сала во знак на протест од пресудата.







