Сашо Кутлешовски од ВМРО-ДПМНЕ го обвини кандидатот за градоначалник на СДСМ за Гази Баба, Борис Георгиевски, дека ги злоупотребува државните институции во партиска кампања.
„СДС и Георгиевски делат покани и распрскуваат пропаганден материјал за партиски настан, на кој спротивно на закон, претставници на Агенцијата за катастар ќе зборуваат на партиски настан. Незаконието и злоупотребата на државни ресурси се белег на СДС. СДС и Борис Георгиевски незаконски ја ставија Агенцијата за катастар на недвижности во служба на партијата за изборни цели.Претставници на агенцијата очигледно се принудени активно да се вклучат во изборната кампања во име на агенцијата.СДС ги избриша границите помеѓу партијата и државата, спојувајќи ги во едно. СДС го користи државниот апарат со цел манипулација со гласачите.СДС спротивно на закон ги става службениците од Агенцијата за катастар во функција на изборната кампања на Георгиевски. Вработените во Агенцијата, наместо да си ја работат работата за која се платени со парите на граѓаните, со цел подобрување на услугите,тие мора да одработуваат за потребите на СДС.Оттука се гледа дека СДС не работи за доброто на граѓаните и за нивните потреби. Единствено што мислат е како да изманипулираат и излажат граѓани“, тврдеше Кутлешовски на прес конференција.
„Граѓаните на Гази Баба пред себе имаат јасен избор, дали за градоначалник сакаат човек кој фалсификува документи за трговци со дрога, како што е Борис Георгиевски, дело за кое се предвидува казна затвор од 5 години, како што видовме од документите објавени во медиумите или сакаат човек кој работи, работи и гради.Граѓаните на Гази Баба имаат јасна понуда пред себе и ќе одлучат дали ќе бидат водени од чесни и работливи луѓе или луѓе со сомнително минато“, порача тој.







