„СДСМ ја погази демократијата, Уставот и законите, само за да изгласа закон со кој се надеваат дека ќе обезбедат поддршка за одржување на неспособната влада. Не ги загрижува тоа што цената од неуставниот, неприменлив и штетен закон ја плаќаат граѓаните и државата. Одговорност мора да има и ќе има. Ова што го направија СДСМ и ДУИ е газење на демократијата и покажување брутална моќ и сила.
СДСМ ја обезвредни улогата на Собранието и го поништи уставното право на пратениците, со амандмани да интервенираат во законските предлози. Партијата која од опозиција ветуваше дебата на секое прашање сега на сила и крајно игнорантски, оневозможи било каков вид на дебата, туркајќи еден штетен, неприменлив и неуставен закон, кој дополнително ќе ги продлабочи разликите во општеството.
Ваквиот однос на СДСМ кон државата и сите оние кои имаат национални чувства се виде со политичкиот прогон поврзан со настаните од 27 април. Патриотите кои го кренаа гласот против катастрофалните политики на СДСМ на секое поле, први на своја кожа го почувствуваа политичкиот прогон кој го спроведува оваа власт.“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.







