Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе се вратат во собраниските клупи за да присуствуваат на обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој денеска пристигнува во Македонија.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев изјави дека во Собранието се враќаат само за обраќањето на Столтенберг и оти тоа не значи нивно натамошно учество во работата на законодавниот дом.
Најголемата опозициска партија од средината на декември не учествува во работата на македонското Собрание, откако претходно на шестмина нејзини пратеници им беше определен притвор за случувањата во Парламентот од 27 април.
Оттогаш тие беа во пратеничките клупи само за редовното годишно обраќање на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.







