„Никаде го нема тунелот под Кале, продолжението на бул. „Илинден“, мостовите, зип-лајн, реконструкција на езерото Треска и уште многу други капитални инвестиции кои беа ветени, но затоа драги скопјани имаме 260 клупи од тропско дрво вредни 123.000 евра“, рече денеска на прес конференција портпаролката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Митева го обвини градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, дека одобрил јавна набавка на 260 клупи во вредност од 7.623.200 денари (123 илјади евра) и дека единечната цена по клупа изнесувала неверојатни 29.320 денари или речиси 500 евра.
Она што дополнително изненадувало во целата оваа јавна набавка, истакна таа, била техничката спецификација која е составен дел на тендерската документација и во која, дрвените греди од кои ќе биде изработена клупата со наслон и без раконаслон, треба да се тропско дрво вид меранти, ироко, егзотично дрво кое потекнува од тропските предели на Јужна Африка.
„Очигледно за СДСМ и Петре Шилегов е сосема нормално една клупа со 7 даски да чини 500 евра. Загрижувачки е фараонскиот манир на Шилегов, во услови на тешка економска и здравствена криза Град Скопје да склучува договори за луксузни клупи, со даски од тропско дрво. Скопје единствено што доби во овие четири години власт на Шилегов и СДСМ е уништено зеленило, противпожарно возило во вредност од 1,7 милиони евра и клупи од тропско дрво. Неспособноста и неработењето се нивна одлика, но доста е. Скопје заслужува подобро. А, најдоброто за нашите општини е да си замине СДСМ“, потенцираше Митева.
(Фото: МИА)