Парите со кои плаќаме се само печатена хартија или релјефен пресуван метал.Ако, пак, плаќаме електронски, што е се почесто, тие не се ништо повеќе од електронски податок.Вистинската вредност на парите лежи во довербата што им се укажува: секој човек треба да може да се потпре на фактот дека хартијата или металот што ги држи во рацете ја има точно онаа вредноста која што е испечатена или втисната на нив.
Фалсификувањето платежни средства предизвикува севкупна економска штета која ги погодува сите.
Погодени се и оние кои случајно платиле со лажни пари или ги добиле како кусур: затоа што лажните пари се одземаат и немате право на паричен надоместок. Државата е многу сериозна кога станува збор за фалсификување пари: фалсификувањето не е некаков ситен, багателен прекршок.
Минатата недела новинските агенции ја пренесоа веста дека шпанската Национална полиција (Policía Nacional) разбила банда фалсификатори за кои се тврди дека фалсификувани монети од по две евра ставале во оптек ширум Европа.Со помош на наднационалната полициска организација Европол (EuropoI), се успеало да се разоткрие работилница за фалсификување во главниот град на провинцијата Кастиља-Ла Манча, Толедо, која, според тврдењето на полицијата, е „најважното откритие од ваков вид во Европа во последните десет години“.
Бандата на европскиот пазар пуштила речиси 500.000 фалсификувани кованици со „висок квалитет“.
Уапсени се десет лица, за кои се наведува дека сите се кинески државјани. Шпанската полиција соопшти дека овој случај го истражувала цели шест години. Истрагата, како што наведува германската новинска агенција ДПА, „била исклучително тешка и долготрајна, не само поради тајноста во организацијата и поради практично невозможното следење на фалсификуваните пари, што е карактеристично за фалсификуваните монети“.
Иако економската штета во овој конкретен случај можеби и не е многу голема (половина милион фалсификувани монети од по две евра имаат противвредност од еден милион евра), успехот на полицијата не треба да се потценува.Секој што успешно пушта во оптек фалсификувани монети низ подолг временски период, непречено, ја шири својата „работа“. Тука, пред сè, важен е психолошкиот аспект за можноста да се убедат граѓаните дека нивните пари се безбедни и дека ја задржуваат својата вредност.
Фалсификуваните банкноти релативно е лесно да се воочат. Безбедносните мерки што централните банки ги преземаат се софистицирани и тие релативно добро им се познати и на корисниците и на потенцијалните фалсификатори. Речиси сите знаат за нивните „безбедносни карактеристики“ – за сигурносната нишка, интегрираните холограми, за позадините кои тешко се копираат, за квалитетот на хартијата. Или барем мислат дека знаат.
Но, некои сигурно ќе ги преценат своите способности.
Работите се поинакви со монетите бидејќи немаат холограми или сигурносни нишки. Но, постојат и детали со „ситните пари“ кои на фалсификаторот често не му поаѓа од рака да ги направи и на кои вреди да се обрне внимание.
Во Германија, Бундесбанката (централната банка) е одговорна за германските кованици, за еврата. Банката на својата интернет страница, во „Водич за монети“ пружа информации за сигурноста на „ситните пари“.
„Не мора да бидете експерт за монети за да може да ги разликувате фалсификуваните од правите кованици“, се наведува во упатството.
Сојузните банкари даваат конкретни информации за тоа како да се проценат монетите. За професионалците ова не е никаков проблем, затоа што постои единствен тест за валидатори на монети во цела Европа „Успешно тестирани уреди може да се најдат на веб-страницата на Европската комисија“.
Се разбира, на лаиците тоа не им помага, заради што банкарите препорачуваат да се обрне внимание на „првиот впечаток“.

Обично, „сликата на паричката јасно се истакнува од остатокот од површината на монетата“. Сите контури се „јасно препознатливи“. Бидете внимателни ако тоа не е случај: кај фалсификатите, „сликата на паричката често е матна и мека. Површината има точкички, линии или вдлабнатини“.
Има уште една околност на која дефинитивно треба да се внимава: заради сигурноста, но и за полесно препознавање на монетите за слепите лица, работ на паричката е карактеристично засечен.
„За разлика од фалсификуваните монети на кои рабниот натпис често само е нејасно втиснат и прекриен со жлебови на работ на монетата, рабниот натпис на оригиналните монети од две евра е јасно видлив. Растојанието помеѓу поединечните симболи и зборови исто така се разликуваат на фалсификуваните монетите од оние на вистинските“.







