Најмалку 23 Палестинци се убиени вчера вечерта во израелско бомбардирање на куќи во централна Газа, соопшти Министерството за здравство на енклавата.
Министерството, исто така, извести дека израелските сили извршиле рација во здравствениот комплекс „Насер“, најголемата функционална болница во Газа, набргу откако од неа се повлекле.
Светската здравствена организација вели дека болницата во Кан Јунис, втората по големина во Газа и клучна за оштетените здравствени служби во тоа подрачје, престана да работи минатата недела после еднонеделната израелска опсада проследена со рација.
Во исто време, израелската војска преку соопштение информираше дека нејзиниот одбранбен систем „Арау“ пресретнал балистичка ракета со долг дострел во областа на Црвеното Море, откако сирените за тревога се огласиле во јужниот град Еилат.
Од војската велат дека проектилот бил пресретнат „надвор од границите на државата Израел“.Еилат, одморалиште на Црвеното Море, е цел на јеменските Хути, кои исто така ги попречуваат трговските патишта со нивните напади врз трговските бродови, како поддршка на Хамас во неговата војна со Израел во Газа.
Хутистите ја презедоа одговорноста за нападот на Еилат со балистички ракети, како и за нападот врз британски трговски брод и нападот со беспилотно летало врз американски разурнувач во четвртокот.
Објавата на претставник на Хутистите на социјалната мрежа „Х“ дојде набргу откако водачот на групата рече дека ќе ги засили нападите врз бродовите во Црвеното Море и другите води, вклучително и со ново „подморничко оружје“.
„Операциите во Црвеното и Арапското Море, во теснецот Баб ал-Мандаб и во Аденскиот залив продолжуваат, и ескалираат, ефективно“, истакна Абдул Малик ал-Хути во телевизиски говор. Тој не изнесе детали за „подморничкото оружје“.
(Фото: Архива, напад на Кан Јунис / АФП)







