Најмалку 13 лица се убиени, а многу се ранети, во израелските воздушни напади врз три куќи во градот Рафах, во јужниот дел на Газа, објавија денеска тамошните медицински служби.
Медиумите на Хамас проценуваат дека во нападите загинале 15 лица.
Нападите на Рафах, каде што повеќе од еден милион луѓе се засолниле од повеќемесечното израелско бомбардирање, се случија неколку часа пред Египет да биде домаќин на лидерите на исламистичката група Хамас за да разговараат за изгледите за договор за прекин на огнот со Израел.
Војната, потсетуваме, започна после нападот на милитантите на Хамас на Израел на 7 октомври лани, кога беа убиени 1.200 луѓе, а 253 беа фатени и се уште се во заробеништво.
Израел вети дека ќе го искорени Хамас, кој ја контролира Газа, во воена операција во која барем досега загинаа повеќе од 34.000 Палестинци, од кои 66 во изминатите 24 часа, според здравствените власти во Газа. Војната расели повеќето од 2,3 милиони жители на Газа и опустоши голем дел од енклавата.
Вчера, претставници на Хамас изјавија дека делегација, предводена од Калил Ал-Хаја, заменик-шеф на групата за Газа, ќе разговара за предлогот за прекин на огнот кој Хамас им го предаде на посредниците од Катар и Египет, како и за одговорот на Израел. Посредниците, со поддршка на Соединетите Американски Држави, ги засилија напорите за постигнување спогодба затоа што Израел се закани со инвазија на Рафах, наведува Ројтерс во денешниот осврт за војната на Блискиот исток.
(Фото: АФП)