Речиси 100 милијарди долари се украдени од програмата за државна помош за ковид-19 која е наменета за компаниите и луѓето кои ја изгубиле работата поради пандемијата во Соединетите Американски Држави.
Како што соопшти америкаската Тајна служба, проценката се темели на нивните, но и на податоците на Министерството за труд и администрација.
„Износот украден од програмата за помош од пандемијата покажува дека самата величина на фондовите е примамлива за криминалците“, рече Рој Дотсон, националниот координатор за откривање на измами во текот на пандемијата.
Тајната служба наведува дека има повеќе од 900 активни кривични истраги за измами во врска со пандемијата, во секоја држава, а до сега се уапсени околу 100 луѓе.
Министерството за правда соопшти минатата недела дека нивното Одделение за измами гони преку 150 обвинети во повеќе од 95 кривични предмети и дека запленило повеќе од 75 милиони долари во готовина добиена од лажно прибавени средства, како и бројни недвижности и луксузни предмети купени од тие средства.
„Можеме ли да ја запреме измамата? Не, но мислам дека дефинитивно можеме да ги гониме оние кои треба да бидат гонети“, рече Дотсон.







