Фото: Принтскрин
Најмалку 11 лица се повредени во пожар што вчера го зафати станбено-деловниот комплекс „Арлис“ во Тирана, пренесуваат албанските медиуми.
Според последните информации, противпожарните екипи успеале да го локализираат огнот и да спречат негово ширење кон околните згради.
Директорот на Службата за вонредни ситуации на Албанија, Арбен Кара, изјави дека пожарот е ставен под контрола, додавајќи дека сепак интервенцијата на терен сè уште трае.
Според него, пожарот го зафатил североисточниот дел од зградата, од приземјето до најгорните катови, при што е предизвикана значителна материјална штета.
Во гаснењето учествуваат повеќе од 50 пожарникари од Тирана и други градови, како и припадници на армијата.
„Рано е да се каже дека пожарот е целосно изгаснат. Го локализиравме за да не се прошири, но интервенцијата продолжува“рече тој.
Екипите сè уште работат на гаснење на преостанатите жаришта во становите.







