Арва Мадави
Скандалот со „Кембриџ аналитика“ можеби е последниот аларм дека мора да се повлечеме од социјалната мрежа. Уште пострашно е што ова е само мал од приватните податоци што ги собираат технолошките компании
Извинете, ама сигурно сте „идиот“. Ова го има изјавено самиот Марк Закерберг. Во 2004 година, кога 19-годишниот Закерберг почна да го создава Фејсбук, на своите пријатели од Харвард им испрати кратки пораки во кои се чудеше како 4.000 луѓе доброволно ги дале своите приватни податоци за неговата социјална мрежа, која тогаш почнуваше да се развива.
„Луѓето сами ги дадоа своите податоци, не знам зошто ми веруваат. Идиоти – своевремено изјави Закерберг.
Четиринаесет години подоцна, бројот на луѓе што му ги доверија своите податоци на Закерберг се зголеми од 4.000 на две милијарди. И самиот тој созреа или само ве натера да верувате во тоа. Во едно интервју за „Њујоркер“ од 2010 година, основачот на Фејсбук изјави дека жали што тогаш ги испратил тие пораки и дека „ако некој сака да создаде сервис што ќе биде влијателен и на кој многу луѓе ќе се потпираат, тогаш човек треба да биде зрел, па така самиот тој созреал и многу научил“.
Што се однесува до почитувањето и заштитата на податоците што луѓето му ги дадоа, дали навистина Закерберг научи нешто? Скорашните настани го покажаа спротивното. Минатата сабота, „Обсервер“ откри како „Кембриџ аналитика“, компанијата спонзорирана од конзервативниот милијардер Роберт Мерсер, добивала и злоупотребувала податоци од 50 милиони профили на Фејсбук. Изгледа дека иако Фејсбук знаел дека две години „биле собирани огромен број податоци“, сепак не ги известил засегнатите корисници.
Згора на тоа, Фејсбук покажа дека не се кае откако „Обсервер“ ја објави веста. Наместо да преземат одговорност, извршните директори на Твитер тврдеа дека социјалната мрежа не направила никакви пречекорувања.
Во саботата на Твитер потпретседателот Ендру Босворт објави дека воопшто не се работи за упад во податоците и дека луѓето сами одлучиле да ги споделат своите податоци преку трети апликации и ако тие апликации не ја почитувале согласноста за споделување на нивните податоци, поточно на корисниците, тогаш се работи за прекршок. Никакви системи не биле вмешани и не биле украдени или хакирани лозинките или информациите.
Во одредена смисла, одбраната на Фејсбук за приказната за „Кембриџ аналитика“ е за поголема осуда од самата приказна. Трејси Чоу, софтверската инженерка што била практикантка во Фејсбук и работела во повеќе големи компании од Силициумската долина, се согласува дека немало хакирање или упад во безбедноста на Фејсбук. Наместо тоа, таа објаснува дека „Фејсбук функционира токму на овој начин“. Бизнис-моделот на компанијата е да собира, споделува и искористува колку што е можно повеќе податоци на корисниците, и тоа без потпишана согласност. „Кембриџ аналитика“ можеби ги прекрши условите за користење на Фејсбук, но Фејсбук нема никаква заштита за да го спречи тоа.
Иако некои од извршните директори на Фејсбук беа зафатени со бранење на нивната чест на Твитер минатиот викенд, треба да се нагласи дека Закерберг молчеше до средината на неделата. Уште во понеделникот, акциите на Фејсбук паднаа за речиси седум отсто и компанијата изгуби 36 милијарди долари од вредноста. Сепак, Закерберг не изјави ништо. Ако сакате да градите сервис што ќе биде влијателен и на кој многумина ќе се потпираат, тогаш човек мора да биде зрел. Очигледно, молчењето беше начин на кој Закерберг сакаше да покаже зрелост.
Но заборавете на тоа како вработените во Фејсбук реагираат на оваа криза што уште се развива. Ако сте еден од двете милијарди корисници на социјалната мрежа, како вие реагирате на ова? Дали во знак на протест го избришавте вашиот профил? Дали сте лути и споделувате статии за фијаското на Фејсбук, но и понатаму ја користите мрежата? Дали веќе заборавивте на оваа случка?
За мене, приказната за „Кембриџ аналитика“ беше знак дека морам да престанам да ги користам социјалните мрежи. Долго време сакав да се тргнам од Фејсбук. Мрежата не ја сакам затоа што порано долго време работев во маркетинг и добивав многу понуди од „Фејсбук“, „Гугл“ и други компании што се збогатија со тргување лични податоци.
Интересно е тоа што допаѓањата на Фејсбук им даваат поинаков приказ на огласувачите отколку на пошироката јавност. Тие ја намалуваат нивната важност кога медиумите ги критикуваат како во примерот со влијанието врз американските претседателски избори од 2016 година.
Тие ја намалуваат нивната моќ за да се справат со вознемирување на Интернет или ширењето на лажните вести. Сепак, ако имате буџет за реклами и сакате да знаете како Фејсбук може да ги убеди вашите потенцијални потрошувачи да го купат вашиот производ, тогаш тоа е друга приказна. Одеднаш Фејсбук станува ентитет што поседува енормно количество податоци и може речиси секого да натера сè да направи. Иако Фејсбук во јавност се претставува како социјална мрежа, кога се претставува пред маркетинг-индустријата, јасно е дека е систем за надзор.
Кога дознав колку Фејсбук знае за корисниците, решив да не ја користам повеќе таа мрежа. Иако одамна престанав активно да ги користам Фејсбук и неговите придружни апликации, како Месинџер и Инстаграм, неодамна решив да го избришам мојот профил. Пред да го направам тој чекор, ја симнав архивата од сите податоци што сум ги објавила на Фејсбук.
Постои опција ова да го направите кога влегувате во „нагодувањата“ на Фејсбук. Многу е лесно и топло го препорачувам. Кога видов колку податоци сум дала низ годините, сфатив дека и компанијата располага со нив. Дури и тогаш не сакав го избришам мојот профил за да не ми затреба некој контакт или да не треба да проверам нешто. Но во понеделникот, откако видов дека Фејсбук одбива да преземе одговорност за приказната на „Кембриџ аналитика“, решив да ги избришам профилот затоа што бев згрозена.
Да бидам јасна, не велам и вие мора да го сторите истото тоа. На многу начини денес е привилегија да сте дистанцирани од Фејсбук. Како што истакнува Сафија Нобл, професорка по информациски студии на Универзитетот во Јужна Каролина и авторка на книгата „Алгоритми за угнетување“, „за многумина Фејсбук е важен прозорец кон Интернет. Всушност, тој е единствената верзија на Интернет што некои ја знаат и игра главна улога во комуникациите, создавањето заедници и учествувањето во онлајн-заедницата“.
Иако постојат разни начини за комуницирање и учествување во онлајн-заедницата, не постои вистинска замена за Фејсбук. Не постои ниту еден портал што ќе ве потсетува на родендените на вашите пријатели, ќе ве поврзе со сонародници во целиот свет и што ќе ви ги чува фотографиите од пред десет години. Бришењето на профилот на Фејсбук значи дека ќе пропуштите многу нешта и ќе треба повеќе да се потрудите за да бидете во контакт со луѓето.
Покрај тоа, освен ако не ги избришете сите апликации поврзани со Фејсбук, вклучувајќи ги Инстаграм и Ватсап, нема да се заштитите од понатамошното собирање податоци од компанијата. На пример, не го избришав Ватсап затоа што уште мислам дека има многу придобивки од него и покрај тоа што ги користи моите податоци. Не го избришав ниту Инстаграм во целост, кој е исто така лош како Фејсбук. Можеби со бришењето на профилот на Фејсбук на некој начин си го заштитив разумот, но тоа воопшто не ги намали моите дигитални траги.
Како што нагласува Нобл, „бришењето на профилите на Фејсбук нема целосно да го реши проблемот што целиот живот ни е дигитализиран“. Иако бришењето на профилот можеби привремено ќе ви даде мир, сепак „нема многу да придонесе за тоа како се собираат податоците, како се тргува со нив и се користат против јавноста. Овој проблем не се однесува само на платформите како Фејсбук, како и проблемите околу надгледувањето и експериментирањето со јавноста, туку се работи за тоа што компаниите нè следат и испитуваат, како и за злоупотребата на моќта што потекнува од поседувањето огромни количества информации што се достапни за искористување“.
И други експерти за податоци го делат ставот на Нобл. Фредерике Калтхојнер, која ја предводи програмата за искористување податоци во невладината организација „Прајваси интернешнел“, објаснува дека „и покрај бришењето на профилите на Фејсбук, сепак и понатаму се следи животот на луѓето и на Интернет и надвор од него. Мобилните телефони по дефиниција се уреди за следење“.
Скорашните откритија за „Кембриџ аналитика“ се само мал дел од нашите информации што се собираат и користат. Ова треба повеќе да се нагласи. Интернет сè повеќе станува светска мрежа за корпоративно надгледување и не може да се состави целосна слика за тоа колку се користат вашите лични податоци. Иако гигантите како Фејсбук дефинитивно се многу успешни, сепак не се толку актуелни илјадниците други компании што заработуваат од црпење и искористување лични податоци на најсомнителни начини.
Сигурно си мислите дека и не е толку важно што една апликација знае дека сакате вино и ја користи таа информација за да ве натера да купувате. Тогаш во што е проблемот? Ако е изолиран и не е многу голем. Но како што нагласува Калтојнер, „кога се комбинираат информациите, тие можат многу да откријат“. Комбинирањето повеќе извори на податоци е всушност „начинот на кој брокерите доаѓаат до информациите, како што се личните профили и статусот на врска“. Колку повеќе податоци давате, толку повеќе има предвидувања. Како што се открива во истрагата за „Кембриџ аналитика“, дури и неколку десетина „допаѓања“ на Фејсбук можат да предвидат нечија сексуална ориентација или политичката партија што ја поддржува.
Ако се вознемиривте за тоа како се искористуваат вашите лични податоци, но не сте подготвени да ги избришете вашите профили на социјалните медиуми и да живеете во изолација, тогаш постојат неколку едноставни чекори со кои може да ги контролирате вашите дигитални траги. Експерти предупредуваат дека сите треба да направиме едно дигитално чистење, да ги провериме третите апликации и нагодувањата што со години останале непроменети.
За да се проверат апликациите што работат преку Фејсбук, проверете во категоријата „нагодувања“ и потоа во делот за „апликации“ на левата страна од корисничкото мени. Кога ја направив оваа проверка, се исплашив дека сум им дозволила на 68 апликации постојан пристап до податоците на Фејсбук. Дури и позастрашувачко е тоа што профилите што сум ги избришала пред многу години, како што е апликацијата за состаноци „Бамбл“, сè уште имаат пристап до моите податоци.
Кога веќе сте го почнале овој процес, многу е лесно да ги исклучите апликациите што ги користат вашите податоци. Сепак многу е потешко да ги најдете и отстраните информациите што веќе биле собрани. Фејсбук ве информира дека треба да го контактирате софтверскиот инженер на апликацијата ако сакате да ги повлечете информациите што биле собрани. Јас не сакав да ги контактирам инженерите на 68 апликации пред да го избришам профилот на Фејсбук, така што не знам што ќе се случи со тие податоци.
Веројатно ќе постојат некаде во некој „облак“.
Што друго можете да направите за да ги намалите вашите траги на Интернет? Џим Килок од организацијата за отворени права што работи на заштитата на Интернет вели дека „треба помалку да се објавува, споделува и најважно е да не се следат страници преку кои Фејсбук генерално ве проценува“. Килок понатаму вели дека „треба да се регулира приватноста за блокирање на колачињата на Фејсбук и од другите портали што се користат за следење на порталите што ги посетувате и поради што потоа се отвораат други „лажни“ профили.
Но тој нагласува дека иако е важно што луѓето стануваат посвесни за нивното однесување на Интернет, „регулаторите исто така мора да преземат мерки“. Мора да реагираат и компаниите. Калтхојнер вели дека во „Прајваси интернешнел“ сакаат компаниите да преземат повеќе мерки и да ја заштитат приватноста, наместо корисниците да прераснат во експерти за заштита на податоци за да си ги заштитат основните права“.
Добрата вест е што регулаторите почнаа да преземаат мерки. На 25 мај ќе стапи во сила законот за заштита на општи податоци на ЕУ (ГДПР). Ова е важен чекор во одземањето на моќта на компаниите и нејзиното враќањето на поединците, кога станува збор за податоците. Калтхојнер истакнува дека најважниот дел од законот е што е екстериторијален, што значи дека „ако седиштето на компанијата е надвор од ЕУ (на пример САД) и нуди стоки или услуги или го надгледува однесувањето на поединци во ЕУ, тогаш мора да ги почитува овие закони.
Ова е особено важно за државите како што се САД, кои немаат сеопфатен систем за заштита на податоците“.
Иако ГДПР е важен чекор во враќањето на моќта на поединците за нивните податоци, сепак е далеку од трајно решение. Не е претерување да се каже дека се движиме во насока на една податочна дистопија. Земете ја предвид Кина, каде што Владата неодамна објави дека ќе им забрани на граѓаните со слаб „социјален кредит“ да патуваат со авиони или возови.
Кина не е единствената држава во која алгоритмите одредуваат во која насока ќе се движат животите на луѓето. Неодамнешните откритија за „Кембриџ аналитика“ се важен аларм дека сите живееме со социополитичките последици од капитализмот на надзор. Не можеме само да се надеваме дека законите ќе нè спасат. Не може само да сме активни по социјалните мрежи и да се надеваме дека нешто ќе се промени.
Мислам дека сите се наоѓаме на една пресвртница, каде што степенот на корпоративно надгледување на кој сите сме изложени или ќе се подобри или ќе се влоши. Би сакала да ве посоветувам да се држите настрана од социјалните мрежи колку што можете повеќе. Со бришењето на вашите профили на Фејсбук можеби нема да му се стави крај на масовното следење, но тоа ќе испрати моќна порака до големите технолошки компании дека повеќе не им веруваме.









