Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во Белград го прими високото српско одликување, со кое претседателот Александар Вучиќ го награди за неговите заслуги во развојот на меѓусебните односи и соработката.
Орбан утрото пристигна во Белград и веднаш се сретна со српскиот претседател. По средбата, Вучиќ на унгарскиот премиер му врачил „Орден на Република Србија“ за исклучителни заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу двете земји.
„Унгарија е земја која мора да биде пријател со Србија“, истакна унгарскиот премиер по доделувањето на орденот, додавајќи дека за него е голема чест да ја прими наградата.
Орбан рече дека ретко се доделуваат награди на луѓе кои се уште се на функција и дека тоа го смета за охрабрување и поттик за она што ќе го направи во иднина за српско-унгарското пријателство.
„Одговорност и обврска на Унгарија и Србија е заеднички да ја бранат ‘јужната порта на Европа’…..“
Виктор Орбан, премиер на Унгарија
„Интересите на Србија и Унгарија се толку поврзани и испреплетени што сакале или не, мора да бидеме пријатели“, изјави унгарскиот премиер.
Орбан потсети на историската заедничка мисија и одговорност на двете земји, а тоа е одбрана на, како што спомена, „јужните порти на Европа“.
Покрај средбата меѓу Вучиќ и Орбан, одржани се и средби меѓу српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, и министерот за надворешни работи, Петер Сијарта, и министерот за финансии Синиша Мали и министерот за економски развој, Мартон Наѓ.
(Фото: АФП)