Израелските сили убија најмалку 24 Палестинци во три одделни воздушни напади на градот Газа денеска утрово, а меѓу убиените се сестра и роднини на водачот на Хамас, Исмаил Ханијех, соопштија здравствените власти и лекарите во Газа.
Израелски тенкови се пробија во текот на ноќта во западните области на Рафа на југот на енклавата, кревајќи во воздух куќи, изјавиле жители.
Израелската војска во два воздушни напади погодила две училишта во градот Газа и притоа убила најмалку 14 лица, соопштија тамошни лекари.
Во друг напад на куќа во бегалскиот камп Шати, еден од осумте историски бегалски кампови во Појасот Газа, убиени се уште 10 луѓе.
Куќата во Шати му припаѓала на поширокото семејство на политичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханије, кој е во Катар. Во нападот биле убиени сестра му и неколкумина негови роднини.
Во април во воздушни напади на војската на Израел беа убиени три сина и три внуци на Ханија.
Израелската армија објави дека ноќва ги гаѓале милитантите во градот Газа кои биле вклучени во планирање напад врз Израел.
Во соопштението се вели дека погодиле две згради „кои ги користеле терористите на Хамас во Шати и Дарај Туфах во северниот дел на Појасот Газа“, кои „делувале во училишта кои Хамас ги користел како штит за своите терористички активности“.
Хамас негира дека користи цивилни објекти како училишта и болници за воени цели. Милитантната група ги опиша нападите врз двете школи и куќата во кампот Шати како „масакри“.
„Ја сметаме администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден како одговорна за континуираната геноцидна војна против нашиот палестински народ во Појасот Газа, со продолжување на пружањето на политичко и воено покритие на ционистичката влада и нејзината криминална војска“, се вели во соопштението на Хамас.
Одделно, вооружените крила на Хамас и сојузничките групи Исламски џихад соопштија во заедничка изјава дека нивните борци во текот на ноќта истрелале минофрлачки бомби врз израелските сили во населбата Јибна во источен Рафах.
Во блискиот Кан Јунис, израелската армија во тенковското гранатирање ранила неколку луѓе во шаторски камп во западниот дел на градот.
После повеќе од осум месеци борби, меѓународното посредување поддржано од Соединетите Американски Држави досега не успеа да постигне договор за прекин на огнот.
Хамас вели дека секој договор мора да доведе до крај на војната, додека Израел истакнува дека ќе се согласи само на привремени паузи во борбите додека Хамас не биде искоренет.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во неделата изјави дека фазата на интензивни борби против Хамас ќе заврши „многу брзо“, ослободувајќи повеќе сили за распоредување на северната граница на Израел со Либан, каде што ескалираа борбите со Хезболах поддржан од Иран.
Советникот на Нетанјаху за национална безбедност, Цачи Ханегби, денеска рече дека Израел ќе ги помине следните неколку недели обидувајќи се да го реши конфликтот со Хезболах и дека таму, во тој случај, претпочита дипломатско решение.
Гранатирањето предизвика евакуација на десетици илјади луѓе од двете страни на израелско-либанската граница.
Израелската копнена и воздушна офанзива во Газа беше започната како одмазда откако милитантите предводени од Хамас упаднаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Израелската војска, според палестинските здравствени власти, во својата офанзива убила речиси 37.600 луѓе и го срамнила со земја малиот, густо населен Појас Газа, претворајќи го во урнатини и осудувајќи го населението на ужасна сиромаштија.
Од почетокот на мај, борбите се насочени на Рафах, на јужниот раб на Газа, на границата со Египет, каде што околу половина од 2,3 милиони луѓе во енклавата се засолниле откако избегале од други области.
Министерството за здравство на Газа денеска соопшти дека болниците и медицинските центри во енклавата имаат сериозен недостиг на лекови и медицински материјали поради продолжувањето на израелска офанзива, израелската контрола и затворањето на сите премини и нејзиното „удирање“ на здравствениот сектор во Газа.
„Особено недостасуваат лекови потребни за итна помош, анестезија, интензивна нега и операции“, стои во соопштението на Министерството.
(Фото: Омар Ал-Катај / АФП)






