Германското Министерство за финансии објави дека во Германија се замрзнати 3,9 милијарди евра руски имот.
Овие средства вклучуваат пари, акции и јахти кои припаѓаат на санкционирани поединци, организации или компании.
Владата, во јуни минатата година, на пратеничко прашање одговори дека проценетата вредност на руските замрзнати средства е 5,2 милијарди евра.
Портпаролката објасни дека износот е подложен на пазарни флуктуации и дека на него влијае и поединечното бришење што го прави Европската унија на поединци или организации.
Германскиот канцелар, Олаф Шолц, неодамна најави дека приходите од чувањето на замрзнатите руски средства во Унијата можат да се користат за купување оружје за Украина од целиот свет. Постои договор околу 90 отсто од тие средства да се искористат за украински одбранбени цели. Станува збор за неколку милијарди евра годишно.
Европската комисија објави дека околу 210 милијарди евра од руската Централна банка се замрзнати во ЕУ.
Финансиската институција Еуроклер (Euroclear) со седиште во Брисел неодамна објави дека во 2023 година остварила околу 4,4 милијарди евра приходи од камати поврзани со овие средства.







