Советот за безбедност на Обединетите нации оваа недела во Њујорк ќе ја одржи својата прва официјална седница за вештачка интелигенција, откако Велика Британија повика на меѓународен дијалог за нејзиното влијание врз глобалниот мир и безбедноста.
Владите ширум светот размислуваат како да ги намалат опасностите од овој тип на технологија, која би можела суштински да ја промени светската економија и да ја преобликува меѓународната безбедносна средина.
Британија овој месец претседава со Советот за безбедност и се обидува да се наметне како глобален лидер во регулирањето на вештачката интелигенција.
Со седницата утре ќе претседава британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во јуни го поддржа предлогот на некои водечки луѓе од таа област да се формира меѓународно регулаторно тело за вештачка интелигенција, како што е Меѓународната агенција за атомска енергија.
(Фото: Илустрација / АФП)







