Производството на вино во Франција годинава ќе се намали за 18 отсто поради пролетниот мраз, што предизвика штета на лозовите насади низ целата земја, објави денеска француското Министерството за земјоделство.
„Се очекува дека во 2017 година ќе бидат произведени 37,2 милиони хектолитри вино, што е 18 отсто помалку отколку во 2016 година и 17 отсто под просекот во изминатите пет години“, се вели во соопштението на министерството.
Во јули, министерството објави дека ниските температури предизвикале особено голема штета во југозападниот дел на Франција, во познатиот вински регион Бордо, како и во соседниот Шарант, но и на североистокот на Франција, во Јура и Алзас.
Благ пад на производството се очекува и во Бургундија, и во Лангедоц и на југоисточниот дел на земјата.
Мразот во април беше забележан двапати во рок од една недела, оштетувајќи ги кревките лози и пупки кои, поради благите температури во март, излегоа пред времето.







