Како една од ретките западни земји, Германија сè уште инсистира на начелото дека странците кои сакаат германско државјанство мора да се откажат од старото.Владејачката коалиција со нов предлог-закон сака да го укине ова.
Германија е земја на имигранти – тој факт на својата веб-страница го истакнува и Министерството за внатрешни работи, притоа повикувајќи се на статистика: повеќе од четвртина од граѓаните имаат мигрантско потекло, а кај децата помлади од 14 години дури и повеќе од една третина.
Покрај тоа, во земјата живеат околу 13,5 милиони граѓани (16 отсто од населението) без германско државјанство.
Но, кога станува збор за натурализација, односно за доделување државјанство на странци, Германија е меѓу последните во Европа.
Додека во 2021 година, на пример, во Шведска се доделуваа 10 државјанства на 100 странци, а во Холандија 5,4, минатата година во Германија оваа квота беше 1,2 отсто.
Причината за тоа лежи пред се во некои многу рестриктивни услови кои мора да се исполнат за да се добие државјанство.
Неодамна владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите во сојузниот парламент, Бундестагот, претстави предлог нов Закон за државјанство, со кој би се промениле сегашните строги услови, пишува „Дојче веле“.
Како прво – двојно државјанство
„Најголемата пречка досега беше одредбата според која генерално се инсистира на принципот на едно државјанство“, вели Џули Шефер, адвокатка специјализирана за право за странци во адвокатската канцеларија „Шлун и Елвен“ во Келн.
„Она што пред се ги спречува потомците на поранешните гастарбајтери, на пример од Турција или земјите од Западен Балкан, да добијат германско државјанство е условот да се откажат од своето претходно државјанство. Германија е една од ретките западни земји кои сè уште инсистираат на тоа “, нагласува Шефер.
Нацртот на новиот закон предвидува откажувањето од претходното државјанство повеќе да не е услов за стекнување германско, а во исто време времето потребно за континуиран легален престој во земјата се скратува од осум на пет години – како што е веќе случај во повеќето европски земји, објаснува германската адвокатка.
Притоа, многу е важно што со новиот закон се воведува некој вид автоматизам.
„Двојното државјанство е формулирано како начелно право. Тоа значи дека кога се исполнети другите услови, надлежните служби мора да го натурализираат подносителот на барањето, тие повеќе немаат простор за маневрирање“, нагласува Шефер.
Сегашниот закон предвидува двојно државјанство само како исклучок од правилото.
Тоа е првенствено резервирано за граѓаните на Европската унија – тие без проблем можат да имаат две државјанства.
А, по подолга процедура, тоа се доделува и на оние кои доаѓаат од земји кои своите граѓани не ги ослободуваат од државјанство – или затоа што не сакаат, или затоа што таму воопшто не е законски предвидено. Такви земји се, на пример, Сирија, Јужна Африка, Авганистан, Алжир или Иран.
Закон стар повеќе од 100 години
Сегашните одредби во Законот за државјанство во поголем дел потекнуваат уште од Законот за припадност на царството и државата од 1913 година, кој во повоена Германија едноставно беше пренесен.
Дури во 2000 година од називот на законот беше отстранет зборот „царски“.
Овој закон се заснова на начелото на потекло и национална хомогеност (Volksnation): кој е германски државјанин, значи Германец, не може во исто време да биде и нешто друго.
Како причина беше наведено дека граѓанинот може да биде верен само на една држава.
Тој аргумент против двојното државјанство и денес го користат противниците на реформата.
Тие тврдат дека двојното државјанство води до внатрешен конфликт околу лојалноста и дека луѓето кои сакаат германско државјанство треба јасно да се определат, да донесат јасна одлука. Велат дека германското државјанство има посебно значење и симболика и стравуваат дека премногу дарежлива политика за двојно државјанство може да доведе до тоа луѓето да стекнат државјанство од чисто практични причини, без каква и да е стварна врска наспроти Германија. Освен тоа, се плашат дека лице со две државјанства може, кога ќе му затреба, да ги избегне германските закони повикувајќи се на неговото друго државјанство и статусот на странец.
За адвокатката Џули Шефер, ова се застарени уверувања „кои во последните 100 години не се многу променети. Покрај тоа, нагласува таа, „дури и сега во Германија е исто како и во другите европски земји – пракса е лицата со двојно државјанство кои живеат во државата да се третираат како Германци. Тоа значи дека не постои можност некој да го избере од двата света само она што му одговара“.
Економски и политички причини
Целта на реформата на Законот за државјанство е, од една страна, Германија да стане поатрактивна имиграциска земја за квалификувани работници.
Тука земјата се најде во остра конкуренција со другите европски земји, како Франција, Холандија или Шведска, кои имаат поблаги критериуми и помалку пречки за доаѓање на квалификувана работна сила од странство.
Во исто време, стана јасно дека модерната и отворена политика за имиграција и интеграција е од суштинско значење за социјалната кохезија во Германија.
Таа сака да поттикне „побрза и подобра интеграција на странците во германското општество“, бидејќи „натурализацијата доаѓа на крајот од процесот на интеграција, па оние кои го поминале тој процес треба да можат да добијат државјанство, кое ги вклучува сите законски права и обврски во Германија, вклучувајќи го и правото на глас на изборите“, забележува Шефер.
Останати услови
За добивање германско државјанство, освен потребната должина на легален престој во земјата, постојат и други услови.
Еден од нив, кој и во новиот предлог останува онаков каков што е, непроменет, е дека лицето не смее да биде правосилна кривично осудено.
Освен тоа, и понатаму би било потребно да се поседува сертификат за познавање на германски јазик, со тоа што претходно бараното напредно ниво Ц1 би се намалило на поедноставно ниво Б1, а се предвидуваат исклучоци за посебни случаи, кога би била доволна само способноста од најнужна комуникација.
И понатаму останува обврската за полагање на т.н. тест за натурализација со кој се покажува познавање на некои основни информации за Германија.
Добивањето двојно државјанство треба да им се олесни на странските студенти: доколку најдат работа и почнат да работат веднаш по завршувањето на студиите, времето на студирање ќе им се признае како време поминато во Германија и ќе се засмета во потребните пет години престој пред да можат да аплицираат.
Предлогот на новиот Закон за државјанство владејачката коалиција го презентираше во Бундестагот на крајот на мај. Се очекува во редовната законодавна процедура предлогот да биде доставен ставен есенва.







