„Веќе 10 години е еден од главните продавачи на кокаин и хероин. Претходно уапсен за дилање дрога“, „Се занимава со продажба на кокаин, марихуана“, „Работи во обезбедувањето на ноќни клубови каде што продава дрога на нашите деца“ – ова се само некои од пораките што се појавија на бројни постери, со фотографии од мажи за кои се тврди дека се „дилери од Лазаревац“.
Зад овие плакати стои Здружението „Свети Сава“ кое со години посочува наркотрговци од оваа општина.
Плакати со фотографии, имиња, но и информации за тоа дека наведените лица продаваат наркотици, и кои опојни дроги, а до кои информации дошло споменатото Здружение, се појавија на целата територија на Лазаревац, на бандери, автобуски станици…

На „списокот“ има 13 нови луѓе, и на него е откриено се – фотографии, лични податоци, каде работат и дали некогаш биле осудени за какво било кривично дело…
„Здружението на граѓани ‘Свети Сава’ се реши на ваков чекор, објавувајќи нов список, поради страшната состојба во општина Лазаревац кога е во прашање продажбата на кокаин. На овој список се наоѓаат имињата на наркодилери, кои сеуште се занимаваат со оваа валкана работа, но и на оние кои првпат излегуваат од анонимност“, пишува на нивната Фејсбук страница.

„Запознаени сме со списоците што ги објави Здружението на граѓани ‘Свети Сава’ за таканаречените ‘дилери на дрога’, но наводите во нивните објави и списоци укажуваат на можно извршување на кривично дело Неовластено изработување и ставање во промет на наркотични дроги, за што е надлежно Јавно обвинителство во Белград“, велат од Обвинителство во Лазаревац.
„Имајќи предвид дека со објавите и списоците на Здружението на граѓани ‘Свети Сава’ евентуално може да се исполнат елементите на кривичното дело Неовластено објавување и прикажување на туѓо досие, портрет или снимка, во член 153 од Кривичниот законик е предвидено дека гонењето за наведеното кривично дело се презема по приватна тужба. Ако некој од граѓаните смета дека е оштетен може да поднесе приватна тужба“, наведуваат од споменатото Обвинителство.

На спорните плакати, меѓу другото, се испишани следните пораки:
„И.Ѓ. во последните две години е еден од најатрактивните продавачи на кокаин во Лазаревац. Тој никогаш не бил уапсен или гонет за тоа кривично дело.“
„С.С.(39) во последните 10 години е еден од главните продавачи на кокаин и хероин. Претходно тој беше уапсен за дилање дрога. Во Лазаревац носеше тешки криминални групи.
„М.Л.(35), познат како долгогодишен соработник на В.Р. и С.Р., кои се и на списокот на наркодилери. Здружението уште во 2015 година го објави на списокот на активни наркодилери од Лазаревац. Апелираме до надлежните што поскоро да го процесуираат и да го отстранат од улиците“.
„М.К.(38) работи во обезбедување на ноќни клубови каде што на нашите деца им продава дрога. Поранешен каратист, кој во четвртата деценија од животот почнал да се занимава со дрога. Многу често ја менува адресата на живеење.
„Д.А.(38) е продавач на кокаин, спид… Во станот најмногу доведува малолетници.“
„Ѓ.Ј.(39) е еден од главните наркодилери во Лазаревац, неколку пати досега е уапсен за продажба на хероин. Во последните 15 години од неговата дрога починаа неколку зависници. Да потсетиме, еден е од нарачателите на пукањето во едно од кафулињата во Лазаревац“.
Неофицијално, против двајца споменати мажи се води кривична постапка пред Вишото јавно обвинителство во Белград.
Претседателот на Здружението „Свети Сава“ истакнува дека граѓаните се собрале во 2013 година откако во Лазаревац во тој период починале многу млади лица поради наркотици.
„Најмногу нè погоди тоа што токму овие дилери и нивните родители одеа на погреби и плачеа заедно со родителите на убиените деца“, изјави тој за „Блиц“.
„Почнавме да лепиме плакати со слики од дилери низ целиот град, а сега веќе имаме четири изданија на црната книга со околу 140 дилери на дрога, нивни слики, како и сите нивни лични податоци“, вели тој и додава дека веднаш по формирањето на Здружението, членовите почнале да добиваат закани.
„Голем број дилери го напуштија градот и заминаа во странство, или во друг град во Србија. Голем број луѓе од нашата листа се и уапсени. Но, најважно, според мене, е што имаме поддршка од родителите кои навистина ни веруваат ни и помагаат во се“, додава тој.
„Ниту еден малолетник не може да биде на списокот. Во тој случај ги известуваме родителите. Исто така, ако слушнеме или видиме дека некое дете користи дрога, веднаш го информираме семејството. На тој начин спасивме многу деца, им помогнавме на семејствата да ги спасат своите сакани. Тие деца сега живеат нормално, завршија факултети и се занимаваат со спорт“, заклучува тој.
(Фото: Фејсбук / Здружение на граѓани „Свети Сава“)







