Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска се појави на шестото продолжение на конститутивната седница во Собранието, на која и натаму се дебатира за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Иако закажана за во 11 часот, седницата почна со задоцнување од речиси еден час, поради консултации на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Процедуралните забелешки и реплики и препирки за платформата на албанските партии и за двојазичноста, без дискусија за предложените кандидати, ја одбележаа и оваа седница.
Пратениците од СДСМ реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието кршејќи го деловникот за работа и порачаа дека треба под итно да се избере нова влада.
Обраќајќи се кон претседавачот Трајко Вељаноски, пратеникот Петре Шилегов рече дека шести ден неовластено заседава со седницата, а тоа, како што напомена, значи 120 илјади евра штета за граѓаните.
“Вие претседателствувате со седницата со која создаваме пракса за да не може да се движат демократските процеси. И покрај манифестираната волја на граѓаните, Македонија да не може да оди напред”, дециден беше Шилегов.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека дебатата во парламентот се одвива според сите процедури пропишани во Деловникот и повторно побараа од СДСМ да каже што точно е договорено со албанските партии во однос на нивната декларција.
“Најмалку е важно дали се вика платформа или декаларација. Тоа е само обид да се тргне вниманието на граѓаните од содржината на документот кој што ја загрозува унитарноста на државата. Деновиве видовме дека министерот за надворешни работи на Република Албанија не само што потврди дека има платформа туку побара истата да влезе во Уставот на Република Македонија што претставува грубо мешање во внатрешните работи”, рече Илија Димовски.
Официјалната статистика на Собранието покажува дека минатата недела ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на собраниската говорница зборувале точно 557 минути, СДСМ и коалицијата на говорница биле 305 минути, ДУИ 51 минута, Алијансата за Албанците 24 минути и БЕСА 9 минути.
Од 184 процедурални дискусии, 90 биле на СДСМ, а 66 на ВМРО-ДПМНЕ.
Конститутивната седницата на македонското Собрание ќе продолжи утре во 11 часот.
За дискусија се пријавени 50 пратеници, а досега своето право го искористија само четворица.







