Само еден ден пред продолжувањето на конститутивната седница на Собранието, по пауза од три месеци, двете најголеми партии во земјава, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ влегоа во дуел околу тиранската платформа.
„Влада која ќе спроведува Тиранска платформа не може да биде реформска, туку е антидржавна. СДСМ е заложник на платформата, а државата е уценета и е жртва на Заев. Влада која ќе работи по програма која не ја одобриле граѓаните на избори, е влада без легитимитет од граѓаните“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.
„Новата Влада е народот, не Груевски. Тој повеќе не е повеќе факторот што кажува по кој пат ќе оди Македонија, изолација или напредок“, му возвратија од СДСМ.
Никола Груевски преку Фејсбук порача дека Влада која ќе работи по програма која не ја одобриле граѓаните на избори, е влада без легитимитет од граѓаните.
„Фактот што и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ нуди поддршка на Заев со своите 51 пратеници, само СДСМ да се откаже од платформата и фактот што тој упорно не го прави тоа, покажува дека сценариото е многу сериозно, а влогот многу поголем“, напиша Груевски.
Осврнувајќи се на протестите на Здружението на граѓани „За заедничка Македонија“ кои траат веќе неколку недели, Груевски порачува дека е „недозволиво е за најклучните прашања во оваа држава поврзани со нејзините суштински обележја да не се праша народот и да се носат одлуки кои се предмет на неколкумина кои прават меѓупартиски договор, а не базирани на изборна програма одобрена од граѓаните на избори“.
„Тоа се вика изборна измама“, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски го повторува својот став дека единствениот реален и логичен излез од целокупната политичка криза се брзи избори.
„Изборите, кои иако се толку непосакувана одлука за СДСМ, значат сигурно решение за излез од кризата. Тоа ќе биде референдум на граѓаните за иднината на државата. Тие нема да се никаков нов трошок или губење време, бидејќи и онака треба веднаш да се одржат редовните локални избори“, додава Груевски.
Според СДСМ, Груевски не е народот. Груевски бил уплашен осаменик кој злоупотребува медиуми за да лаже и вознемирува граѓани. Велат оти злоупотребува деца, ученици за лични цели.
„Дели луѓе. Шири омраза. Се плаши дека ќе одговара за криминалите и злоделата и подготвен е за своите цели и интереси да ја турне земјата во длабока политичка криза со несогледливи последици“, напоменуваат од партијата на Заев.
Од СДСМ се децидни дека 700.000 граѓани на кредибилни избори, преку своите 67 избрани пратеници во Парламентот гласаа за промени и за нова реформска Влада.
„Мнозинската волја на граѓаните мора да се почитува. Има легитимно парламентарно мнозинство. Ќе има нова Влада на граѓаните на Македонија“, порачуваат од СДСМ.







