По двата мандати на Јужнокореанецот Бан Ки-мун од денес на чело на Обединетите нации е португалскиот дипломат Антонио Гутереш.
На највисоката функција во Светската организација Гутереш доаѓа во моментот кога светот се соочува со големи предизвици.
На 12 декември, положувајќи заклетва првиот човек на ОН рече дека организацијата треба да се подготви за промени.
Според него време било ОН да ги препознаат своите недостатоци и, како што напомена, да се реформира начинот на нивното функционирање.
„Од акутните кризи во Сирија, Јемен, Јужен Судан и во други места, по долгогодишните спорови, вклучувајќи го и израелско-палестинскиот конфликт, потребно ни е посредување, арбитража и креативна дипломатија“, рече Гутиереш.
Гутиереш изрази надеж дека ќе биде постигната координација меѓу различни инстанци внатре во ОН задолжени за борба против тероризмот и оцени дека организацијата мора да вложува во луѓе, а помалку во бирократија.
Еден од првите приоритети, вели тој, ќе биде подобрување на положбата на жените, и даде личен придонес во тоа, именувајќи три жени на клучни позиции во својот тим.
Амина Мохамед, нигериската министерка за екологија, ја именуваше за негов заменик, Марија Луиза Рибеиро Виоти, функционер во бразилското Министерство за надворешни работи, е шеф на неговиот кабинет, а Кјунг ва Канг од Јужна Кореја е именувана за специјален советник за политика.
Шеесет и седумгодишниот инженер Антонио Гутереш повеќе од 20 години беше дел од португалската влада и државната администрација. Од 1981 до 1983 година е член на Парламентарното собрание на Советот на Европа, од 1995 до 2002 година премиер на Португалија и од 2005 до 2015-та висок комесар при ОН за бегалци.








