Две лица загинаа во вооружен инцидент во Шорндорф, во близина на Штутгарт. Според првите полициски информации, вчера маж пукал во двајца роднини, а потоа се самоубил.
57-годишен маж го преживеал обидот за убиство со повреди опасни по живот, додека 48-годишна жена и 60-годишниот убиец починале, јавуваат германските медиуми.
„Во 11.34 часот била повикана брза помош заради тешко повредена жена во станбена зграда во Шорндорф кај Штутгарт. Полицијата и итната медицинска помош биле повикани од двајца членови на семејството кои дознале за инцидентот“, извести полицијата.
На терен излегле 28 полициски возила и еден хеликоптер.
Уште еден повреден маж бил пронајден во соседниот град со повреди опасни по живот, а со спасувачки хеликоптер бил пренесен во болница. Полицијата претпоставува дека убиената жена е роднина на 60-годишниот сторител.
Портпаролот на полицијата не кажа точно каква е врската меѓу двете жртви и убиецот. Мотивот допрва ќе се утврдува, а истрагата е во тек.
(Фото: „Алианса“)







