Дебарската територијална противпожарна единица, во изминатиот период од годинава имале двапати повеќе работа споредено со истиот период минатата година.
Според Џетан Мифтароски, командир на единицата, евидентрани се 95 интервенции што е за 50 интервенции повеќе од лани истиот период.
„Од вкупнот број интервенции, 60 се пожари на отворен простор, 19 пожари на објекти, една интервенција на сообраќајно средство, додека остантите 15 се технички интервенции. Како единица покриваме најголема територија, бидејќи освен Општина Дебар ги покриваме и Општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше, односно подрачјето на Река“, вели Мифтароски.
Врз основа на воспоставената соработка меѓу Дебар и соседната албанска општина Пешкопеја, по потреба, а по нивно барање, од хуман аспект, дебарските пожарникари интервенираат и во пограничниот појас од албанска страна.
Што се однесува пак до предизвиканата материјална штета со бројки не сака да манипулира, само нагласува дека благодарение на брзата интервенција, што пак е резултат на подобрената опременост и кадровска екипираност, како и обученост на единицата, спречена е поголема штета во секој аспект.
„Во овој аспект сакам да го нагласам фактот дека целосно се елиминирани лажните дојави за пожари на 193. Тоа, како резултат на нашите апели до граѓаните, бидејќи се случуваше попусто да изгубиме драгоцено време, па наместо на потребното да одиме на место каде што нема пожар“, посочува Командирот Мифтароски.
Поради високите температури кои владеат, со што се зголемува и опасноста од избувнување пожари, тој апелира до граѓаните да не палат отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не фрлаат догорчиња од цигари и да бидат повнимателни кога се на прошетка или излет во природа.







