Името на шефот на Белата куќа, Џо Бајден, го нема на гласачкото ливче за денешните избори, ниту за американскиот Конгрес, ниту за дел од гувернерите, ниту за локалната власт, но судбината на американскиот претседател, но и на целата нација, делумно и на светот, ја трасираат денеска гласачите на најголемата економска и воена сила.
Овие избори, имено, им даваат на гласачите во САД можност индиректно да ги изразат своите ставови не само за работата на шефот на Белата куќа, на средината на мандатот, туку и за правецот во кој сакаат да оди нивната земја. Тој правец ги трасира, делумно, и светските движења.
Со оглед на тоа дека американската економија се бори со криза каква штпо не се памети најмалку четири децении, а гласачите се загрижени за немаштијата, криминалот и миграцијата, „пресудата“ може да биде сурова и за актуелниот претседател и за неговите демократи во време на голема поларизација во американското општество.
Демократите на Бајден, се согласуваат и анкетите и аналитичарите, би можеле да се соочат со пораз дури и во делови од земјата во кои обично добро поминуваат. Веќе наголемо се зборува за поплава од „црвениот бран“, бојата на американските републиканци.
Анкетите покажуваат дека конзервативците се во предност во трката за Претставничкиот дом, додека понеизвесен ќе биде изборот на членови на Сенатот, каде моментално ситуацијата е пола-пола.
Одлуката за тоа кој ќе го контролира Сенатот во следните четири години најверојатно ќе ја донесат гласачите во Пенсилванија, Џорџија и Невада, поради што овие гласачи се „мета“ на двете кампањи.
Страстите се доведени до точка на вриење. Бајден ги нарече изборите „пресвртна точка“ што ќе ги одреди следните 20 години во САД. Тој им кажа на гласачите на колеџот „Сара Лоренс“ дека избираат помеѓу две „фундаментално различни визии за Америка“.
Од друга страна, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, убедливиот предводник на републиканците, на митинг во Мајами ги обвини демократите дека ја водат земјата кон комунизам, истовремено навестувајќи дека тој би можел повторно да се кандидира за претседател во 2024 година.
Зошто се толку важни овие избори?
За Американците, преобликувањето на Конгресот директно ќе влијае на нивниот секојдневен живот.
Ако преовладуваат републиканците, се очекува дека имиграцијата, верските права, решавањето на насилните злосторства да бидат приоритет.
За демократите тоа ќе биде животната средина, здравствената заштита, правото на абортус и контролата на оружјето.
Но, прашањето на сите прашања за граѓаните на САД останува економијата, а таму без многу дилеми, дури и дел од демократите, довербата ја даваат на републиканците.
Контролирањето на Конгресот значи и моќ да иницира истраги во одборите и комисиите. Две години демократите се фокусираа на нападите на следбениците на Трамп врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, очекувајќи дека извештајот ќе биде готов пред крајот на годината.
Но, републиканците, кои веќе очекуваат контрола на Претставничкиот дом, велат дека ќе го затворат тој комитет и ќе започнат сослушување за деловните врски на Хантер, синот на Џозеф Бајден, со Кина.
Тие, исто така, сакаат да ја испитаат имиграциската политика на администрацијата на Бајден, повлекувањето на САД од Авганистан и потеклото на пандемијата со корона вирус во Кина.
Ако републиканците ја преземат контролата врз Сенатот, се очекува процесот на потврдување на изборот на Бајден на луѓе кои ќе работат во федералните судови и клучните владини агенции, да запре.
Бајден, благодарение на контролата на Конгресот, протурка нови закони за климатски промени, контрола на оружјето и инвестиции во инфраструктурата.
Републиканците, доколку победат, ќе добијат моќ да го спречат усвојувањето на демократските закони во Конгресот. Резултатот би бил – застој.
Поразот на демократите брзо би се протолкувал како знак за политичката слабост на Бајден (79), така што би можело да се обноват повици за негово повлекување од претседателската кампања во 2024 година.
Меѓутоа, претседателот и неговите советници инсистираат дека тој ќе бара реизбор. Иако ниту Трамп (76) не е сега на гласачкото ливче, десетици негови избрани кандидати учествуваат во трки низ САД. Овие посредни мандати би можеле да ги зајакнат неговите надежи за реизбор во 2024 година.
Маск: Гласајте за Републиканците!
Извршниот директор на „Тесла“ и сопственик на „Твитер“, Илон Маск, им препорача на Американците на претстојните избори за Конгресот да го дадат гласот за Републиканската партија.

„На слободоумните гласачи: поделбата на власта ги ограничува најлошите претерувања на двете партии, затоа препорачувам да се гласа за републикански Конгрес, имајќи предвид дека претседателот е демократ“, напиша американскиот милијардер на „Твитер“.
(Фото: АП)







