Денеска Британците со едноминутен молк ќе им оддадат почит на жртвите од најновиот терористички напад во Лондон, само два дена пред вонредните парламентарни избори.
Знамиња ќе бидат спуштени на половина копје низ цела Велика Британија.
Минутата молк ќе почне во 11 часот по локално време во знак на сеќавање на седуммината убиени лица и десетината ранети во нападот изведен во центарот на Лондон во ноќта меѓу саботата и неделата, пренесуваат француските медиуми.
Граѓаните на Лондон повторно изразија револт за тероризмот, на помалку од три месеци откако во претходен напад други пет лица беа убиени пред британскиот Парламент.
На злобните екстремисти кои прават вакви злосторства, им порачуваме: Ние ќе ве победиме. Нема вие да нѐ победите – порача градоначалникот на британската престолнина Садик Кан во текот на вчерашното бдеење.
Полицијата вчера ги соопшти имињата на двајца од тројцата напаѓачи, а станува збор за Хурам Шазад Буту, кој им бил познат на полицијата и на МИ5, и Рашид Редуан.







