Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на на која е предвидено да се назначи вршител на должноста државен јавен обвинител, на местото на Марко Зврлевски.
Минатиот четврток седницата беше одложена поради немање кворум.
Претседателот на советот, Петар Аневски, изјави дека на 29 август за в.д. шеф на Републичкото јавно обвинителство ќе биде избран обвинител од редот на постојните јавни обвинители во обвинителството, кој привремено ќе ја извршува функцијата до избор на нов јавен обвинител.
„Има кандидати, седум-осум има сега, меѓутоа на повеќемина од нив сега им мирува функцијата, бидејќи знаете Јован Илиевски е во Меѓународниот суд во Стразбур, потоа Гордана Гешковска е во ОЈО, во Советот на јавните обвинители е обвинителот Љубомир Јовевски, обвинителот Марко веќе е разрешен.
„Од тие постојни обвинители ќе определиме јавен обвинител што ќе ја врши таа функција – рече Аневски.
Аневски посочи дека во моментот Зврлевски, кого Собранието на 17-ти овој месец го разреши од должноста, го менува обвинителката Лилјана Спасевска.
Собранието пак е предвидено да расправа за огласот за јавен обвинител на 4 септември.







