Министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Јоргос Катругалос остварија средба на маргините на економскиот форум што се одржува во Делфи, Грција и разговараа за збогатување на натамошната секторска и друга соработка, предвидена од Договорот од Преспа, соопштуваат од МНР.
Димитров и Катругалос, разговараа и синоќа, заедно со романскиот министер делегиран за европски прашања, Џорџе Чиамба, и заменикот МНР на Грција, Теренс Куик, на работната вечера на која биле разгледани прашања поврзани со европската перспектива на Република Северна Македонија и регионот, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.
На покана на основачот и претседател на Delphi Economic Forum, а под покровителство на претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, Димитров учествуваше на форумот, оствари и други билатерални средби, а се обрати и на централниот настан, кој оваа година тематски беше посветен на „Предизвикот на инклузивниот раст“.
Во говорот рече дека „можеме да бидеме горди на она што го постигнавме денес и светот да вели дека добрите вести доаѓаат од Балканот“ и дека „нема ништо поприродно од тоа нашите две земји да бидат пријатели, да бидат блиску, да ја отворат иднината “.
Димитров говореше за иднината, но и за она што е направено, за како што рече, „она што го постигнавме и зошто го избравме најтешкиот пат, бидејќи полесниот пат беше да не се допира ништо“.
На пленарната сесија, освен министерот за надворешни работи на Северна Македонија, говори одржаа шефот на кипарската дипломатија, Никос Христодулидис, вицепремиерката на Романија, Ана Бирчал, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Во текот на вчерашниот ден Никола Димитров, во рамките на економскиот форум, се сретна со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер и со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат и разговарале за билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелни прашања и предизвици од регионот.
Економскиот форум завршува утре, а учествуваат претставници од над 24 земји, околу 500 говорници од целиот свет на 95 тематски делови.







