Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за бугарската телевизија БНТ1, истакна дека Македонија и Бугарија не може да ја сменат историјата, но можат заеднички да работат за подобра иднина.
„Ние не можеме да ја смениме историјата. Таа е важна. Сите сме горди. Можеме да работиме заедно за да имаме поубава иднина, изјави Димитров.
Тој рече дека за историјата важно е да разговараат историчарите, а работата на политичкото раководство е поврзано со сегашноста и иднината.
Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија го определи како напредок и раст во односите меѓу двете земји.
„Време е да и покажеме на Европа дека можеме да ги решаваме проблемите како Европејци, да ги отвориме вратите и да станеме поблиски, нагласи македонскиот министер за надворешни работи.
Димитров рече дека првите резултати од Договорот се видливи, појаснувајќи дека се забележува раст на трговијата, туризмот, а исто така и се интензивираат разговорите за Коридорот 8 и за железничката линија Софија-Скопје.
Во врска со спорот со Грција за името напомена дека Македонија прави се што е во нејзина моќ за да се постигне решение.
„Македонците имаат надеж дека и тие имаат волја за тоа. Не е лесно, решението е тешко, а проблемот е стар, колку што е стара нашата независност. И покрај тоа по излегувањето од кризата Македонците имаат чувство дека имаат шанса, рече Димитров и изрази благодарност кон Бугарија за враќањето на Европа во балканскиот регион.
Тој рече дека има две цели во процесот на барање решение за името.
Едната е да има јасна разлика меѓу државата Македонија и регионот во Грција.
Втората е тоа да се направи на достоинствен начин. Македонците се подготвени да прифатат географска одредница, вели шефот на македонската дипломатија.







