„Ако референдумот за името биде успешен, која е таа политичка партија, што на граѓаните ќе им каже „не“. Народот не се сто луѓе или 30 лажни профили на Фејсбук или сто. Народот сме два милиони луѓе. Ќе видиме колку останаа во Македонија, можеби еден милион и петстотини, можеби милион и шестотини. Тие што останаа ќе добијат шанса, резултатите од референдумот ќе кажат што сака народот. Таа амбиција и дрскост да се зборува во името на народот мене ми е неподнослива од времето на кризата на неказнивоста – рече шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за Топ тема, во врска со ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат договорот.
Тој нагласи дека како Влада имаат цврста позиција дека ќе ја следат волјата на граѓаните.
„Ќе излегуваме ако треба секој ден и по десет пати и стопати ќе објаснуваме зошто мислиме дека ова е добра работа и зошто треба да се направи. Не знам какви ќе бидат ставовите на опозицијата, но волјата на народот оваа Влада и ова парламентарно мнозинство ќе ја почитува. Уверен сум дека граѓаните ќе застанат зад оваа работа, дека ќе паднат стравовите“, истакна министерот Димитров.
Прашан за тоа што ќе се случи кога ќе се смени власта, за тоа дека опозициите на двете земји најавуваат промени на договорот, Димитров рече:
„Мислам дека отидовте многу далеку. Овој договор да влезе во сила треба многу чекори да се изодат. Кај нас потребно е да има успешен референдум и потоа тој да се ратификува во грчкиот Парламент. Во тој момент овој договор ќе влезе во сила. Мора да инвестираме и ние и тие, во Грција, во однос на заедничко разбирање и интереси во иднина“.







